• вторник, 28 јануари 2025

Во МНР одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот, отворена изложбата „Аушвиц - место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“

Во МНР одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот, отворена изложбата „Аушвиц - место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“

Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска со отворање на изложбата од Јад Вашем – Израел, насловена „Аушвиц - место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“, која претставува единствена визуелна документација за страдањата на Евреите депортирани во Биркенау, е одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот. 

Како што објави на неговиот Фејсбук профил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, тој во неговото обраќање ја истакнал важноста од паметењето на трагичните настани од Холокаустот и оддадов почит на жртвите, особено на македонските Евреи кои во 1943 година беа депортирани во Треблинка.

- Нагласив дека, како полноправна членка на ИХРА, нашата држава останува посветена на борбата против антисемитизмот и искривувањето на историските факти. Верувам дека преку доследна едукација на младите генерации ќе можеме да спречиме антисемитски акти и омраза во сите нивни форми. Овој ден е потсетник на нашата должност да се спротивставиме на предрасудите и омразата, но и можност да го потврдиме нашиот заеднички ангажман во зачувувањето на вредностите како плурализмот, разновидноста и слободата. Се надевам дека преку вакви активности ќе продолжиме да го негуваме сеќавањето и да го пренесуваме значењето на оваа трагедија на идните генерации, напиша Муцунски на фејсбук. цр/ац/

Фото: фејсбук на министерот Тимчо Муцунски

Остани поврзан