• недела, 09 март 2025

Кисела Вода заедно со Варшава и Мадрид во Европски проект за жени претприемачи Together for Green Growing

Кисела Вода заедно со Варшава и Мадрид во Европски проект за жени претприемачи Together for Green Growing

Скопје, 8 март 2025 (МИА) -  Општина Кисела Вода ќе биде дел од европскиот проект за жени претприемачи Together for Green Growing (Together4GG), поддржан од EIT Food AMPLE Program 2025. Со тоа се приклучува на Варшава и Мадрид како единствени градови каде ќе се спроведува овој значаен проект, што ја потврдува посветеноста на општината кон економскиот напредок на жените и создавањето нови можности за нив.

Проектот Together4GG е создаден за да ги поддржи жените во прехранбениот сектор и да ги поттикне на економска независност преку иновации и модерни бизнис решенија. Целта е да се понудат обуки за претприемништво, финансиска писменост, дигитален маркетинг и развој на бизнис, со што ќе се зајакне нивната позиција во локалната економија.

-Покрај средствата обезбедени од проектот Together4GG, во висина од 50.000 евра, Општина Кисела Вода самостојно обезбедува три милиони денари сопствени средства за успешна имплементација и спроведување на проектните активности. Проектот ќе започне во април 2025 година, со регрутација на учесничките, а ќе трае до октомври 2025 година. Оваа иницијатива ќе создаде нови бизниси, туку и ќе ги промовира еколошките и одржливи решенија во локалната економија, додека истовремено ќе обезбеди платформа за формирање на Совет за женско претприемништво како поддршка за сите учеснички, информираат од локалната смоуправа.

Водечки партнер на проектот е Вита Нова, која ќе ја координира имплементацијата и реализацијата на активностите, заедно со Општина Кисела Вода, која ќе обезбеди логистичка поддршка, промоција и ќе ја олесни вклученоста на локалната заедница. Дополнителен стручeн придонес ќе даде Нутри Баланс, кој ќе организира обуки за здрава исхрана и одржливи прехранбени практики.

- Кисела Вода е општина која се залага за економска рамноправност и еднакви можности за жените. Со овој проект, нудиме платформа преку која жените ќе можат да започнат свои бизниси, да креираме вистински услови за успех на локалната економија, да поддржиме иновации и да стимулираме лидерство кај жените. Токму затоа, покрај средствата од проектот, во висина од 50.000 евра, ние како локална самоуправа вложуваме дополнителни три милиони денари, со цел успешно да ја имплементираме оваа важна иницијатива. Посветени сме на создавање нови можности за економски развој и подобрување на животот на нашите жени, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Нашата цел, додаде, е да креираме вистински услови за успех на локалната економија, да поддржиме иновации и да стимулираме лидерство кај жените. 

-Благодарни сме за добиената доверба, како и  на EIT Food AMPLE Program 2025 и партнерите Вита Нова и Нутри Баланс, кои ќе го реализираат проектот со нас, обезбедувајќи стручна и логистичка поддршка, како и обуки за здрава исхрана и одржливи прехранбени практики. Симболиката на овој проект, кој се објавува токму на 8 Март, е јасна порака за значењето на жените во економијата. Ова е можност за жените во нашата општина да добијат поддршка за свој бизнис во прехранбениот сектор, и воедно да бидат пример за идните генерации. Заедно, да креираме подобра иднина за жените и локалната економија, потенцира Ѓорѓиевски.вј/лв/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан