Во Крива Паланка се одржа актерска работилница со Енџи Николоска
- Дваесетина млади, талентирани актерски надежи од основните и средното училиште во Крива Паланка, синоќа присуствуваа на актерската работилница со Енџи Николоска, позната македонска актерка, режисерка и новинарка.
Крива Паланка, 12 септември 2025 (МИА) - Дваесетина млади, талентирани актерски надежи од основните и средното училиште во Крива Паланка, синоќа присуствуваа на актерската работилница со Енџи Николоска, позната македонска актерка, режисерка и новинарка.
Работилницата се одржа на сцената во кино салата на Националната установа Центар за култура Крива Паланка и во градската библиотека „Кочо Рацин“, во рамки на установата.
-Ова е работилница што се реализира во рамки на проект од годишната програма на драмската секција при НУ Центар за култура-Крива Паланка, поддржан од Министерство за култура. Оваа театарска и актерска работилница беше надополнета со техники за актерска ТВ-игра пред камера, што искусната Енџи Николоска ги пренесе и сподели со младите актерски надежи од градот, информира директорот на НУЦК Крива Паланка, Сашко Додевски.
Едукаторот-режисер, Енџи Николоска, посочи дека ваквите проекти се исклучително значајна поддршка на младите кои допрва ќе се градат во личности што го развиваат својот талент и афинитети кон актерската игра.
-Ме радува што групата покажа љубопитство за актерството и новинарството и преку поставените клучни прашања кои се однесуваат на овие области, покажаа трудољубивост кое води кон дополнително искуство и (себе)истражување. Драго ми е што секој учесник, од оној кој е второ одделение до оние кои се средношколци дадоа свој влог во овие работилници и беа отворени за соработка и нови знаења, развивање на дискусии, а јас имав чувство како да сум опкружена со млади кои цврсто ќе чекорат кон патот кон успехот. Младата екипа преку овие работилници уште еднаш потврди дека читањето книги, гледањето филмови,серии и промените во општеството-позитивнини и негативни се дел од алатките за дејствување најпрво како индивидуалец, но и професионалец. Благодарност и до вредниот тим на НУ Центар за култура-Крива Паланка, рече Николоска.ид/вј/
Фото: МИА
Фото МИА