Во Крива Паланка работилница за младите кошаркарки „Лидери во спортот, лидери во животот“
- Во организација на кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ по повод Европската недела на мобилност се одржа работилница за младите кошаркарки „Лидери во спортот, лидери во животот“ на која говореа американската универзитетска професорка Џенифер Лее Хофман, од Универзитет Вашингтон и Надица Јовановиќ, интернационален експерт за програмата „Спорт за развој“.
Крива Паланка, 18 септември 2023 (МИА) - Во организација на кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ по повод Европската недела на мобилност се одржа работилница за младите кошаркарки „Лидери во спортот, лидери во животот“ на која говореа американската универзитетска професорка Џенифер Лее Хофман, од Универзитет Вашингтон и Надица Јовановиќ, интернационален експерт за програмата „Спорт за развој“.
- Она што за нас како клуб е значајно е младите спортисти континуирано да се едуцираат, покрај усовршување на кошаркарски вештини на теренот. За таа цел, вложуваме во мобилни млади, отворајќи им прозорци кон европските можности за мобилност, но и мобилност низ целиот свет. Лидерството во спортот носи прогрес во животот, е само една компонента за која говорниците заедно со присутните атлети работеа низ практични примери од секојдневниот живот, од спортските натпревари, со акцент на подигнување на свеста кај сите нив за она што го поседуваат како квалитет, вештини и потенцијал, информираат од КК „Крива Паланка“.
Лидерството во спортот е специјалност на професорката Хофман, нејзината работа е признаена од Здружението за проучување на високото образование, добитник на награда за специјална заслуга ASHE 2021 година, уредник во Центарот за истражување на универзитетот Вашингтон, специјалист за високо образование, нови анализи и практични решенија за прашања во колеџите и универзитетските спортови.
Нејзината посета на Северна Македонија е во рамки на програмата Иницијативи за млади трансатлантски иновации, иницијатива за соработка помеѓу државните претставништва на САД и Европската Унија.
-Многу ми е драго да соработувам со организациите во вашата држава кои работат со младите, а мојата работа е насочена токму кон вклучување на што поголем број млади во спортот, развој на младите атлети насочени кон едукација, нивно потпомагање со ресурси и методологија за искористување на целиот нивен потенцијал кон уште поголеми успеси во кариерата, во животот, рече професорката Хофман.
Таа посебно ги охрабри девојките да останат во спортот и тука да ја развиваат целата своја иднина, бидејќи спортот носи бројни бенефити.
Експертката Надица Јовановиќ, консултант и интернационален експерт „Спорт за развој“ истакна дека преку нејзината специјалност ширум Европа и светот работи на развој на животни вештини преку спорт: лидерство, тимска работа, самодоверба, сѐ што е потребно за развој на секоја млада личност.
-Учиме како сите овие вештини да се користат правилно, за прогрес кон повисоко ниво на спорт, образование и мобилност низ Европа и светот. Преку мојот личен пример што го споделив со присутните, сакам да ги мотивирам, охрабрам и поттикнам да бидат упорни, да бидат информирани, да читаат, учат, да истражуваат и да се надградуваат на тема спорт, покрај сѐ она што го работат за време на редовната настава на училиште и за време на одржување на тренинзите и натпреварите. Најважно е да учат постојано, од тренерите но и да го надградуваат наученото постојано во слободното време, порача Јовановиќ.
Работилницата ја отвори Европската недела на мобилност во Крива Паланка, која Европската куќа Крива Паланка ќе ја одбележи со фамилијарна прошетка низ туристичко-рекреативна патека „Стара вада“ во Крива Паланка и авантура на тркала, возење велосипед, ролери, скеборди во Кратово. ид/мд/