• петок, 23 јануари 2026

Во Крива Паланка наградата за светиот крст донирана на деветчленото семејство Димитровски

Во Крива Паланка наградата за светиот крст донирана на деветчленото семејство Димитровски

Крива Паланка, 23 јануари 2026 (МИА) - Воден од хуманоста како главен мотив, младиот Наум Додевски што го извлече светиот крст од водите на Крива Река, заедно со тимот млади другари, ја донираше наградата што му беше доделена на деветчленото семејство Димитровски од Крива Паланка.

Младите момчиња кои годинава учествуваа во традиционалното фрлање по светиот крст во водите на Крива Река, а се дел од тимот на градоначалникот, Сашко Митовски, го посетија во неговиот кабинет каде ја искажале намерата за донирање на наградата. За време на средбата младите кои заедно со градоначалникот на празникот Богојавление - Водици влегоа во осветените води на Крива Река, донесоа одлука добиената награда од овој чин, да ја донираат на деветчленото семејство Димитровски од Крива Паланка, кадешто поддршката е најпотребна.

-Денес во кабинетот ме посетија храбрите момци од мојот тим, момците кои годинава го извлекоа светиот крст од водите на Крива Река. Со големо срце и без двоумење, тие решија наградата да ја донираат на семејството Димитровски, деветчлено семејство од Крива Паланка кое најмногу има потреба од поддршка. Овој гест преставува вистинска смисла на верата, не само храброст, туку и човечност, солидарност и грижа за другиот, рече Митовски.

Порача дека е горд што општината има млади луѓе кои нè потсетуваат дека добрината, грижата за другиот и заедништвото се најголемата темелна вредност на едно здраво општество.ид/вј/

Фото: МИА 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан