Во Крива Паланка во петок прва акција за собирање текстилен отпад
- Општина Крива Паланка во соработка со „Тексомак", колективен постапувач со текстилен отпад, во петок ќе ја организира првата голема акција на подрачјето на општината согласно законот за постапување со други текови на отпад.

Крива Паланка, 7 април 2025 (МИА) - Општина Крива Паланка во соработка со „Тексомак", колективен постапувач со текстилен отпад, во петок ќе ја организира првата голема акција на подрачјето на општината согласно законот за постапување со други текови на отпад.
- Во петок ќе се спроведе голема еколошка акција за собирање текстилен отпад насловена „Твојата стара облека – нова шанса за природата", во која граѓаните ќе можат својата стара облека, како и останати видови отпад од текстил да ги одложат во соодветни, посебни, садови за текстилен отпад што ќе бидат поставени на повеќе пунктови на различни локации во градот, информираа денесак од службата за комуникација со јавноста при Општина Крива Паланка.
Текстилен отпад ќе може да се одложи на следните пунктови: пред маркетот кај автобуската станица, пред Метролошка станица, пред домот за ученици „Боро Менков", кај градскиот зелен пазар, зад станбените згради во населбата Бавчал'к и пред двете основни училишта во градот: „Илинден" и „Св.Јоаким Крчовски" - кај Соларски мост.
Општина Крива Паланка е меѓу првите општини во државата со склучени договори со колективни постапувачи согласно Законот за управување со други текови на отпад: „Тексомак“ ДОО и „Греен роад“ ДООЕЛ, Скопје, овластени колективни постапувачи со текстилен отпад и хаварисани возила.
Покрај собирање на соодветниот отпад, во рамки на договорите за соработка, општината заедно со колективните постапувачи ќе реализира промотивно-едукативни кампањи за учениците и населението со цел подигнување на свеста за селекција на отпад, заштита на животната средина и намалување на загадувањето.
Инаку, Општина Крива Паланка повеќе години соработува со колективни постапувачи со пластичен, електронски отпад и стаклена амбалажа, а од почетокот на месецот во тек е акција за селекција на електронски отпад во соработка со „Елколект". иб/цр
Фото: Општина Крива Паланка