• петок, 22 ноември 2024

Во Кичево лазарова поворка и настап на хорот „Козма Пречистански"

Во Кичево лазарова поворка и настап на хорот „Козма Пречистански

Дебар, 8 април 2023 (МИА) - Во Кичево претпладнево во централното подрачје на градот се одржа поворка, на која учество зедоа голем број на граѓани на овој град, музичари од повеќе места, хористи и разни активисти, информираше за МИА Филип Тинтоски, член на хорот „Козма Пречистански".

Членовите на хорот, кои повеќе години наназад изведуваат и возобновуваат традиционални празнични каланди и овој пат подготвија пригодни песни кои го восхитија целиот град.

- Поворката што се одржа во чест на празникот Лазарево Воскресение, предизвика воодушевување кај сите коишто ја пресретнаа. Народот побожно ги поздравуваше најмладите и најрадосните, децата, кои тргнаа  од црквата на светите Апостоли Петар и Павле, најпрвин го заобиколија центарот, а потоа повторно се вратија во храмот, каде од свештеникот срдечно беа дарувани со Лазаринка и други пригодни подароци, вели тој.

Според древното христијанско предание, во пресрет на Лазарева сабота, кога Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај домаќинките да прават т.н. Лазаринки или Лазаринчиња, во негов спомен.

Лазаринките се благи колачи, чијшто состав потсетува на пченицата која се прави во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои.

Според повозрасните кичевчани во сабота наутро жените ги носеле Лазаринките во храмот и откако ќе завршела светата Литургија им раздавале на присутните, а особено на децата.

Во истиот ден, на Лазарева сабота децата, организирани од училиштата и родителите, се упатувале во парковите и блиските шуми, собирајќи гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот пеејќи христијански каланди за Лазар, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.

Врбовите гранчињата се расфрлале низ храмот и им се раздавале на верните во спомен на празникот Цветници, односно Христовото влегување во Ерусалим, а со разнобојните цвеќиња богато ги украсувале иконите и вратите на храмот. Некои од Христијаните си ги украсувале и своите домови за благослов од Бога, за родна година. вт/сх/

Фото: Филип Тинтоски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан