Во Кинотеката се одржа проекција на „TeraForma“ во рамките на пролетното издание „Ecoscop“
- Со проекција на филмот „TeraForma“, во Кинотеката се одржа пролетното издание „Ecoscop“ на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион. Станува збор за заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали - Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК Браќа Манаки.
Скопје, 24 април 2025 (МИА) – Со проекција на филмот „TeraForma“, во Кинотеката се одржа пролетното издание „Ecoscop“ на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион. Станува збор за заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали - Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК Браќа Манаки.
- Денешниот ден не случајно е избран за оваа проекција, бидејќи денеска се одбележува Денот на планетата Земја и на овој начин ние се приклучивме на акцијата за одбележување на овој ден, истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Тој им посака добредојде на присутните и ги покани по проекцијата да ја проследат панел дискусијата со експертот по екологија Ханес Јекл и координатор на програмата за заштита на реките во „Еко-свест“, Ѓорѓи Митревски.

Филмот „TerraForma“ говори за оддалечениот вулкански остров Вознесение, кој тлеел милиони години сè до неговата радикална трансформација со процес на „тераформирање“ во тропски рај. Тоа е приказна за тоа што таа трансформација може да значи за нашата планета во иднина каде што може да дојде до тераформирани пејзажи создадени од човекот кои го искривуваат нашето разбирање за самата „природа“. На овој остров има повеќе отколку што се гледа. Новата средина, навидум рај, всушност е фатаморгана- огледална слика на нивната амбиција, нивната империја и нивното разбирање за светот…
-Започнавме со десет општини и 1.000 волонтери, но за пет години „Генералка викенд“ прерасна во огромна акција во која сега се вклучени 81 општина и 45.000 волонтери, раскажа Ханес Јекл, извршен директор и ко-основач на „Man and Mountain“, компанија со седиште во Скопје, која креира проекти за еколошка свест.

Тој посочи дека верува оти Македонија може да се исчисти од ѓубре до 2031 година, и е среќен што тоа не е само негово ентузијастичко верување, туку дека таква мисла имаат сите учесници во акциите кои ги спроведуваат. Посочи дека следната акција ќе се организира за чистење на Аквадуктот на 9 мај и повика за поголемо учество.
-Сметам дека е наша обврска да ја исчистиме оваа земја, бидејќи ова е наша земја, полна со талентирани, креативни и љубезни луѓе и ако сакаме навистина можеме да ги решиме сите наши проблеми бидејќи ова е мала држава, истакна Јекл.
Од луѓето кои учествувале во акциите кои ги организираат слушнал бројни искуства и смета дека денеска тие не ја познаваат повеќе својата земја.
- Сметам дека филмот и филмската сцена и овој проект на ИФФК „Браќа Манаки“ се исклучително важни, бидејќи уметничкото влијание е неверојатно и затоа сакам сета наша енергија да ја вложам во тоа Македонија да стане земја во која сите ние сакаме да живееме, рече Јекл.
На панел дискусијата покрај Ханес Јекл учествуваше и Ѓорѓи Митревски од Еко-свест.

-Соработката со уметници и културни центри сметам дека е најдобра. Таа е поврзана и со вечерашнава тема, но и со филмот кој го гледавме, едноставно поради тоа што на овој начин ги комуницираме пораките, идеите кои сакаме да ги пренесеме, рече Ѓорѓи Митревски, кој е координатор на програмата за заштита на реките во Еко-свест.
Филмот „TeraForma“ ќе биде достапен една недела онлајн на ондеманд платформата на линкот: https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/.бт/дма/
фото: Татјана Ранташа