• петок, 26 јули 2024

Во касарната во Велес одржана трибина за „Жената и безбедноста“

Во касарната во Велес одржана трибина за „Жената и безбедноста“

Велес, 6 декември 2023 (МИА) - Во  организација на Министерството за труд и социјална политика и канцеларијата на УНФПА во земјава со поддршка на Британската амбасада во Скопје, вечерва во салата на Војничкиот клуб на Касарната на Армијата во Велес се одржа трибина за жените во Велес во рамките на кампањата „Жените и безбедноста“. На трибината беше потенцирана важноста од меѓуинстуционалната соработка за сеопфатен одговор во борбата против насилството.

На трибината говореа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, командантот на Командата  за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, вонредната професорка на „Универзитет Климент Охридски“ - Битола, Ангелина Станојоска и професор д-р. психолог, Гордана Ристевска.

Полковникот Васко Коколански во своето излагање ги информира присутните  дека со развојот на Армијата и нејзините капацитети, сите искуства во доменот на родовата рамноправност се ставени во функција на превенција на насилството и почитување на личноста.

-Во однос на инклузивноста во Армијата можеме да го видиме нашиот прогрес - во 2014 година жените офицери беа 10,89 проценти, а во последните години бројката е зголемена за 100 проценти, односно сега застапеноста на жените офицери е околу 20 проценти и тие носат одлуки и во Армијата и во рамки на Министерството. Министерството за одбрана е и носител на Вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 – жени мир и безбедност, потенцира полковникот Коколански.

Тој додаде дека родовите прашања се дел и од обуката во рамките на Единиците на Армијата, што укажува на тоа дека прашањето на родовата еднаквост и заштитата од вознемирување е поставено високо во приоритетите на одбраната.

-Ние имаме вредносен систем на взаемно почитување, доверба, достоинство , интегритет, храброст и се надевам дека ќе бидеме пример за другите институции како консолидирана организација која што не само на хартија, туку и секојдневно ги негува овие вредности, заклучи полковникот Коколански.

Вонредната професорката Ангелина Станојоска од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола информираше за важноста од ратификацијата на Истанбулската конвенција и истакна дека тоа е документ којшто е на прво место и дека од тогаш родот е прифатен како термин. 

-Ние како држава имаме доста направено во делот на насилството, меѓутоа се уште останува да биде, предизвик. Имаме голема застапеност на пријавите, но се уште е тешко да се биде жена во машки свет. Сметам дека Законот за заштита на работното место е еден од главните документи кои ги штити жените во  машките професии, појасни професорката Станојоска.

Таа  зборуваше  и за храброста на жените  и притоа истакна дека многупати жените не се охрабрени да го пријават насилството затоа што не можат да се вратат во семејствата кај нивните родители или се финансиски зависни од насилникот.

На тоа се надоврза и психологот Гордана Ристевска која истакна дека секој професионалец од пракса се соочил со исклучителни случаи на насилство. Пособено семејното насилство, каде поради забрана на сопругот на жената за вклучување на пазарот на трудот остануваат економски зависни и по претрпено насилство немаат друг избор освен да останат со сторителот на насилство.

-Од неодамна отворивме женски центар за поддршка и веќе десет месеци даваме поддршка. Од тогаш 29 жени имаа пријавено или добиено услуга и тоа не значеше дека истото беше пријавено и во полиција. Зборувајќи од искуство тврдам дека за да една жртва излезе од насилство потребни се 7 до 8 обиди за излез од истото. И ако за 10 месеци 29 жени пријавиле насилство, тоа значи дека има 29 семејства сведоци и 29 насилници. Затоа треба повеќе да охрабруваме за да можат жртвите навистина да излегуваат од насилството, порача Ристевска.

Министерката Тренчевска како предводник на кампањата го заокружи панелот и се заблагодари што покрај жените во публиката и во говорниците беа вклучени  и мажи.

-Родовата еднаквост не е прашање кое треба да го зборуваат само жените и не се само жените кои треба да се едуцираат. Благодарност и до Армијата и до одбрана за поддршка за организација на оваа активност затоа што сите панелисти вечерва  спомнаа дека за насилството треба да се зборува постојано.Ние  сите институции зборуваме 365 дена за подигање на свеста и оваа глобална кампања во рамки на која се спроведува „Сложувалка“ е наш потсетник за тоа што сме направиле и што уште треба да направиме, потенцира Тренчевска.

Таа истакна дека покрај поддршка на жртвите Министерството работи и со сторителите на насилство. Затоа се отвораат и Центри за работа со сторители и истакна дека тоа е уште една алка која докажува дека работата за превенција од насилството е комплексен предизвик за чие решение е потребен сеопфатен пристап.

Воедно информира дека во земјава веќе се отворени  осум вакви советувалишта кои работат со сторителите на насилството, а со цел истите да не го повторат насилството и самите да се извлечат од таа состојба, а првенствено со тоа  да  му се помогне  на целото семејство кое трпи семејно насилство. ад/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан