• петок, 20 ноември 2026

Во Кавадарци промовирано музичкото творештво на Ристо Вешков 

Во Кавадарци промовирано музичкото творештво на Ристо Вешков 

Кавадарци, 15 октомври 2026 (МИА) - Музичкото творештво на Ристо Вешков беше промовирано денеска во Куќата на мирис и вкус, што работи во склоп на Музеј галеријата во Кавадарци. За неговата музика и љубовта кон музиката, за носталгијата за родниот крај, говореше Ангела Симонова, кустос етнолог во Музејот. 

-Ристо Вешков е роден на 8 јануари 1949 година во Скопје. Своето детство и младост ги поминал во Кавадарци, градот со кој го поврзуваат спомените, емоциите и љубовта кон родниот крај. Во 1986 година заедно со својата фамилија се преселил во Соединетите Американски Држави, каде што поминал 40 години од својот живот, носејќи ја во себе љубовта кон Македонија и родната Тиквешија - сподели таа. 

Притоа потсети дека уште од младоста покажувал изразен талент за музика и пишување текстови. На хармоника започнал да свири на 14-годишна возраст, а музиката со текот на годините станала еден од најзначајните начини преку кои ги изразувал своите чувства, сеќавања и доживувања.

-Неговата прва авторска песна „Тиквешки вечери'' создадена во 2006 година, го означува почетокот на неговото авторско музичко творештво. До сега има напишано 18 песни во кои препознатливо се испреплетуваат љубовта, копнежот, носталгијата и длабоката поврзаност со Македонија.

Меѓу неговите познати песни се „Тиквешки вечери “, „Убава Македонка“, „Песна за Ангелина“, „Цветанке моја'' и „Еј, судбино“. Со песните „Цветанке моја“ и „Еј, судбино“ освоил две први места на фестивалот „Филиграни“, а со песната „Месечино моја“ го освоил гран при признанието на фестивалот посветен на Гоце Арнаудов - истакна Симонова. 

Таа нагласи дека творештвото на Ристо Вешков е спој на личната исповед и колективната меморија. 

-Иако животниот пат го одвел далеку од родниот крај, неговата музика останува сведоштво за нераскинливата врска со Кавадарци, Тиквешијата и македонската песна. Посебна вредност на творештвото на Ристо Вешков е неговата искрена љубов кон музиката, која никогаш не ја ставал во служба на материјална добивка. Во духот на својата хуманост и човечност, тој создал и албум со свои песни ,,Пејте Македонци кој го подарил на Црвен крст, претворајќи го своето музичко творештво во гест на солидарност и дарување. Со оваа изложба, Музејот – Галерија Кавадарци му оддава почит на Ристо Вешков и го претставува неговиот творечки придонес како дел од музичкото и културното наследство на Тиквешкиот регион - подвлече Симонова. свд/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа