Во Кавадарци проект „Состојбата на физичкиот фитнес, нутритивниот статус и статусот на стапалата кај децата и младите"
- Проект насловен „Состојбата на физичкиот фитнес, нутритивниот статус и статусот на стапалата кај децата и младите од Општина Кавадарци", во соработка со универзитетот Свети „Кирил и Методиј“-Скопје, Факултет за физичко образование, спорт и здравје, се реализира во Кавадарци
Кавадарци, 21 август 2025 (МИА) - Проект насловен „Состојбата на физичкиот фитнес, нутритивниот статус и статусот на стапалата кај децата и младите од Општина Кавадарци", во соработка со универзитетот Свети „Кирил и Методиј“-Скопје, Факултет за физичко образование, спорт и здравје, се реализира во Кавадарци. Во просториите на Локалната самоуправа, градоначалникот Митко Јанчев и деканот на Факултерот за физичко образование и спорт Влатко Неделковски, ги презентираа резултатите од спроведеното мерење на учениците од сите основни општински училишта.
- Во изминатиот период во сите основни училишта успешно се реализираше проектот, во кој беа вклучени 1.460 ученици од второ до петто одделение од основните училишта во општината. Целта на проектот е следење на нивниот физички развој и доколку има проблем во физичкиот развој родителите да бидат информирани, а истовремено и целта на оваа активност е да се откриваат и детектираат и спортските предиспозиции кај учениците, појасни градоначалникот.
Тој информираше дека податоците од мерењата ќе бидат достапни во електонска форма и се достапни за родителите. Договорот за проектот бил тригодишен и продолжува.
На прашање од МИА, Неделковски соопшти дека повеќе од полвина од популацијата е во одлична кондиција, имало потхранети но и деца со зголемена килажа, како и дебели деца. Во однос на стандардите и ситуацијата во Европа и регионот, статистички, сме биле тука некаде. Функционалноста, здравствената состојба, срцевосадовиот систем биле во одлична состојба и добра кондиција. Децата можеле да изведуваат физички активности. свд/
Фото: МИА