• сабота, 23 ноември 2024

Во Кавадарци отворена изложба на дела од ликовниот уметник Тони Чатлески

Во Кавадарци отворена изложба на дела од ликовниот уметник Тони Чатлески

Кавадарци, 31 октомври 2024 (МИА) – Дела од ликовниот уметник Тони Чатлески ја чинат самостојната изложба што вечерва беше отворена во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Во рамките на настанот беше кажано дека Чатлески бил роден во 1967 година во Прилеп. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – отсек сликарство. Имал педагошка доквалификација, Филозофски факултет при УКИМ. Магистрирал на Факултетот за ликовни уметности – отсек сликарство. Работел како наставник по ликовно образование, едно време бил директор на основно училиште, а неколку години и директор на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Ликовниот уметник Владимир Темков изрази задоволство од отворањето на оваа изложба што, како што нагласи, е пресек на творештвото на Чатлески, модерно македонско сликарство.

- Во најновиот циклус на слики, Чатлески ги бара одговорите за смислата на животот, при што е евидентно прочистувањето на визуелната палета додека филозофијата за сопственото постоење и живот е пренесена низ призмата на надреалноста на сонот. Уметникот ги материјализира и ги презентира сите интимни состојби и ситуации што го провоцираат уметникот на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи ја метаризницата на минатото – во иднината. Чатлески преку реалноста на сонот свесно или несвесно креира свои микросветови, со што учествува во она што го нарекуваме создавање на реалноста на живеење, сподели директорката Јулијана Туриманџова, во своето обраќање пред присутните.

Изложбата е поддржана од локалната самоуправа на општина Кавадарци и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Пред присутните се обрати и самиот автор. свд/ир/

Фото: МИА

Остани поврзан