Во Кавадарци одржана трибина за рак на дојка
- Превенцијата и раното откривање се најважни во третманот на рак на града, беше истакнато на синоќешната трибина за рак на дојка во Кавадарци.

Кавадарци, 5 март 2025 (МИА) - Превенцијата и раното откривање се најважни во третманот на рак на града, беше истакнато на синоќешната трибина за рак на дојка во Кавадарци.
Научен соработник доктор Бисера Николовска, субспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија, во изјава за МИА нагласи дека мултицислиплинарниот пристап е исто така од суштинско значење во третманот, што го водат повеќе лекари.
Николовска подвлече дека многу е важно и самите пациенти, колку што можат, дополнително да помогнат со тоа, што ќе го сменат начинот на живот.
-За жал, во денешно време, карциномот на града е во пораст. Расте бројот на пациенти, но, се намалува и возрасната граница кај пациентките кои добиваат рак. Надворешните фактори влијаат на здравјето на жената, на хормоните, влијаат многу врз создавањето на рак. Мојот апел до сите жени е да водат здрав начин на исхрана, да јадат здрава свежа храна, посочи Николовска.
Притоа, таа препорача физичка активност, пешачење во прирора, редовен и здрав сон, да внимаваат на стресот, алкохолот и цигарите.
Докторката советуваше, исто така, да се внимава при користењето хемиски препарати, да се избегнуваат тие со штетни супстанци, што штетно влијаат врз здравјето.
Здружението „Хема-онко“, посветено на пациенти со рак и нивни негуватели, во пресрет на 8 март - Меѓународниот ден на жената, почна кампања за подигнување на свеста за рак на дојка - „Дијагноза, третман, естетика“.
-По иницијатива на ЈЗУ УК за пластична и реконструктивна хирургија и во соработка со ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија, ЈЗУ УК за торакална и васкуларна хирургија и Универзитетскиот институт за радиологија, „Хема-онко“ организира едукативни трибини, каде доктори - специјалисти имаат стручни презентации на темата, посочија од здружението.
Присутни на трибината споделија лично искуство со дијагнозата рак на дојка, лекување и реконструкција на дојка.
Во Кавадарци, настанот беше организиран во соработка со Комисијата за еднакви можности. свд/са/
Фото: МИА