Во Делчево промовирана првата автобиографска книга посветена на жените со рак на дојка
- Една од осум жени во текот на својот живот ја добива дијагнозата - рак на дојка. Една од тие жени е и Маја Трајковиќ, која авторски ја потпишува првата автобиографска книга во земјава, посветена на овој тип на рак. Промоцијата на делото од Трајковиќ со наслов „Пресек", вечерва се одржа во Делчево во организација на Јавната локална библиотека „Илинден".
Делчево, 22 март 2024 (МИА) - Една од осум жени во текот на својот живот ја добива дијагнозата - рак на дојка. Една од тие жени е и Маја Трајковиќ, која авторски ја потпишува првата автобиографска книга во земјава, посветена на овој тип на рак. Промоцијата на делото од Трајковиќ со наслов „Пресек", вечерва се одржа во Делчево во организација на Јавната локална библиотека „Илинден".
-Мудра, амбициозна, и искрена, Маја како голема вљубеничка на пишаниот збор, не случајно на своето дело, првенче, му го дала насловот „Пресек“, како доказ за пресекот кој во нејзиниот живот го направила болеста. Во него, авторката раскажува за својата животна приказна, укажувајќи на тоа дека пишувањето може да делува и како терапија во тешки моменти, истакна директорката на библиотеката Билјана Петровска.
Книгата од која извадок читаше поетесата Билјана Начовски е автобиографска и авторката Трајковиќ ја напишала за два и пол месеци кога ги имала последните четири хемотерапии.
-Главната порака која ја кажувам секогаш на промоциите е дека жените помеѓу двата додворувачи кои ги имаат, а тоа се канцерот и животот, треба да го одберат животот. И затоа „Пресек“е книга за будење на женственоста, но на она која е спитомена, себепочитувана, спокојна и ближна со жената во себе, рече Трајковиќ.
Освен „Пресек", Маја Трајковиќ е авторка и на книгите „Мрачен и светол дом” и романот за деца „Златна душа”. Добитничка е на наградите „Библиотекар на годината- Павлина Цунева- Маказлиева за 2021 година“ од здружението „Средби под јаворите” - Видое Подгорец и Признание за најдобар просветен работник во учебната 2021/22 година од Сојузот на просветните работници и Министерството за образование и наука.
Книгата „Пресек" веќе од понеделник ќе се најде на полиците во библиотеката во Делчево. вс/вј/
Фото: МИА