Во Делчево отворена изложба на слики од 32. Лесновска ликовна колонија
- На изложбата се претставени сите слики кои се дел од колонијата организирана од Домот на култура „Злетовски рудар“ од Пробиштип.
Делчево, 4 септември 2025 (МИА) - Во Делчево е отворена изложба на слики од 32. Лесновска ликовна колонија за млади. На изложбата се претставени сите слики кои се дел од колонијата организирана од Домот на култура „Злетовски рудар“ од Пробиштип.
-На 32-та колонија учествуваа 17 уметници од странство, меѓу кои од Бугарија и Канада. На изложбата се претставени 31 слика, кои денес ги красат ѕидовите во Делчево. Делата се изработени најчесто во акрил и масло на платно, инспирирани од Лесновскиот манастир како духовно светилиште, како и од околината на Лесново. Некои уметници црпеле инспирација од архитектурата, пештерите и локалните жители, истакна Сандра Мијалкова, директор на Дом на култура „Злетовски рудар“ која ја прогласи изложбата во Делчево за отворена.

Проектот Меѓународна Лесновска Колонија постои од 1992 година, и како што додаде директорката на отворањето во Делчево, минатата година беше поддржана како проект од национален интерес од Министерството за култура, во која како главен покровител се јавува Општина Пробиштип.
Директорот на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Златко Начовски изрази благодарност до сите кои ја поддржуваат и учествуваат во колонијата, нагласувајќи дека таа продолжува да ги поттикнува младите на креативност, соработка и професионален развој.
Изложбата која беше придружена со музичка илустрација на новиот музички албум на делчевскиот гитарист Дарко Тасевски се организира во чест на Денот на ослободувањето на Делчево - 7 Септември и Денот на независноста - 8 Септември, и ќе биде отворена за посетителите во наредните 10 дена. вс/ар
Фото: МИА