Во Дебар одбележан Денот на албанската азбука
Дебар, 22 ноември 2025 (МИА) - Со неколку настани во Дебар традиционално беше одбележан Денот на албанската азбука, 22 ноември.
Делегација на општина Дебар, предводена од градоначалникот Фисник Меља и претставници на училиштата во градот, оддадоа почит со полагање цвеќе на споменикот на азбуката, каде се и бистите на албанските преродбеници, Саид Најдени и Јосиф Багери, што се наоѓаат во центарот на градот.

-Денеска го одбележуваме еден од најважните моменти во нашата национална историја – усвојувањето на албанската азбука на Конгресот во Битола. Овој ден го симболизира единството, визијата и решителноста на нашите преродбеници, кои му дадоа на нашиот јазик заеднички стандард и го отворија патот на современото албанско образование, рече меѓу другото Меља.
Додаде дека „азбуката е темел на нашето знаење, култура и идентитет".
- Преку неа, сегашните и идните генерации учат да ја пишуваат својата историја и да го продолжуваат нашето јазично и национално наследство. Да го славиме овој ден со почит кон делото на нашите предци и со посветеност на зачувување, развој и чествување на албанскиот јазик, порача Меља.
Градоначалникот присуствуваше и на приходната програма организирана од Центарот за култура, активност збогатена со уметничка програма, рецитал и културни презентации подготвени од образовните и културно-уметничките институции на градот.
Со соодветни културно уметнички настани денот го одбележаа и училиштата во градот.
Денот на албанската азбука преку објави на Фејсбук го честиташе и Медат Куртовски, градоначалник на општина Маврово и Ростуше. вт/лв/
Фото: МИА