Во Гевгелија поднесени 84 барања од граѓани за субвенции за купување велосипед
- Од објавувањето на повикот за 2025 година досега се поднесени 84 барања од граѓани на Гевгелија за добивање субвениции за купување велосипед, соопштија денеска од локалната самоуправа.
Гевгелија, 24 април 2025 (МИА) - Од објавувањето на повикот за 2025 година досега се поднесени 84 барања од граѓани на Гевгелија за добивање субвениции за купување велосипед, соопштија денеска од локалната самоуправа.
Според објавата на општинската страница, останале уште 16 слободни места за поднесување барање за субвенција.
Право на аплицирање имаат граѓаните на Општина Гевгелија, кои купиле велосипед во периодот од 1 април годинава сè до потрошувањето на средствата во висина од 500.000 денари од Општинскиот буџет за 2025 година предвидени за оваа намена, освен вработените во општинската администрација и членовите на нивните семејства, како и лицата кои минатите години добиле субвенции за велосипед.
Аплицирањето за субвенции за набавка на велосипеди се врши во зградата на Општина Гевгелија, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледани по редослед според датумот и времето на пристигнување, односно според принципот „прв дојден, прв услужен“.рт/дма/
Фото: Општина Гевгелија