• недела, 22 декември 2024

Во велешкото Општинско училиште со ресурсен Центар „Маца Овчарова“ почна потпишувањето на 100 договори за избрани образовни асистенти

Во велешкото Општинско училиште со ресурсен Центар „Маца Овчарова“ почна потпишувањето на 100 договори за избрани образовни асистенти

Велес, 10 септември 2024 (МИА) - Во Општинското училиште со Ресурсен Центар „Маца Овчарова“ Велес за изведување  на редовна настава во учебната 2024/25 година  за учениците со попреченост денеска започна потпишување на 100 договори со исто толку избрани образовни асистенти кои како и во изминатите учебни години  ќе им  пружаат помош на оваа категорија на ученици. Станува збор за образовни асистенти во основните училишта во вкупно 12 општини во велешките основни училишта, како и во  Лозово,  во Чашка, во Градско,  Росоман,  Кавадарци,  Неготино,  Демир Капија,  Свети Николе, во Карбинци, во Штип и во Пробиштип.

Oд  вкупниот број 24 образовни асистенти се распоредени во основни училишта во Велес, двајца во Чашка и еден во Градско.

Директорката на ОУРЦ „Маца Овчарова“ Мирјана Петрушевска  информира дека овој  наставен кадар е со завршено високо образование за работа во основно училиште за којшто, како училиште коешто е и Ресурсен центар, обезбедило двонеделна обука.

- Дел од нив кои веќе ги потпишаа договорите од попладнево се вклучуваат во наставата додека дел што доаѓаат и потпишуваат договори ќе бидат на располагање на учениците започнувајќи од утре, 11 септември. Нивната работа ја следат дефектолози со најмалку седум годишно работно искуство кои ја имаат улогата на ментори кои  го вршат мониторингот и обезбедуваат дополнителна помош преку потребни обуки, појасни  Петрушевска.

Инаку образовните асистенти кои денеска потпишуваат договори се избрани  на првиот конкурс  додека ова државно училиште очекува избор на уште 10 образовни асистенти од вториот конкурс, на Министерството за образование, а  којшто заврши минатата недела.

Ова државно основно училиште со Ресурсен центар се трансформираше во 2020 година кога освен образование на ученици со попреченост ги  обучува и образовните асистенти. Воедно  ОУРЦ  „Маца Овчарова“ во Велес  издава дефектолошки и логопедски услуги за 30 ученици, во трите општини Велес, Чашка и Градско. ад/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан