• петок, 22 ноември 2024

Во Велес отворена изложба на икони од Крсте Зограф од Велес

Во Велес отворена изложба на икони од Крсте Зограф од Велес

Велес, 9 октомври 2024 (МИА) - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложба на икони од Крсте Зограф од Велес, еден од позначајните македонски иконописци од почетокот на XIX век. На изложбата се претставени 13 оригинални икони кои се наоѓаат во цркви во Велешко, како и 23 постери со по неколку фотографирани икони од Крсте Зограф, кои се наоѓаат во цркви во повеќе населени места во Велешко, Кавадаречко, Гевгелиско и други места.

Изложбата ја подготви Елица Николова, кустос советник и  историчар на уметноста од Народниот музеј од Велес со екипита составена од младите колешки Маја Басаровска и Александра Гиовска и Дарко Николовски, советник конзерватр, кој воедно и ги фотографира иконите објавени во каталогот кој го објави Народниот музеј од Велес.

Досега се најдени само девет потпишани икони од Крсте Зограф каде стои дека е од Велес, инаку стручњаците досега нашле над 80 негови икони во реонот на Повардарието.

Николовски, како еден од промоторите на изожбата, истакна дека иконите на Крсте Зограф, освен во Македонија, ги има и во соседните земји Србија, Бугарија и други и додаде дека затоа  треба да продолжи истражувањето за потрага по негови вредни непотпишани икони. Тој порача до присутните претставници од Повардарската епархија  да се  заштитат  дел од иконите на Крсте Зограф оставени во помошни простории на црквите во Велешко. Предложи да се формира Галерија на икони на Крсте Зограф во Велес со цел да се заштитат неговите и други икони од овој регион.

Николова истакна дека за најстаро потпишано дело на Крсте Зограф  се смета иконата „Св. Архангел Михаил“, кој ја мачи душата на богатиот, од 1815 година во параклисот, црква „Св. Ѓорѓија“ од Велес. Таа информира дека од крајот на втората деценија на XIX век за опусот на зографот Крсте од Велес, од големо значење се датираните икони од иконостасот во храмот во Црквино. Најбројни и најкомплексни дела од Крсте Зограф во Повардарската епархија се иконостасните икони настанати во црквата „Св. Никола“, во селото Уланци, во малата еднокорабна црквичка сместена на ритчето над селото.

- Во 1828 година изработени се и пет икони за црквата „Св. Архангел Михаил“ во с.Горно Чичево. Непотпишани икони има и во црквата „Св. Василиј“ во с. Грнчиште, „Св. Атанасиј во с. Богомила, црквата „Св. Петар и Павле“ во с. Папрадиште, Велешко. Надвор од Велешко, во повардарскиот регион се среќаваат бројни икони од овој плоден автор. Бројни икони од неговата работилница има во црквите од Кавадаречко. Во црквата „Успение Богородичино“, с. Ваташа изградена во 1817 година, најстарата потпишана икона се „Царски Двери“ од 1818 година. Негови икони има и во црквата „Св. Архангел Михаил“ во с.Бошава, црквата „Св. Стефан“ во с.Конопиште, црквата „Св. Мина“ во с. Граниково, црквата „Архангел Михаил“ во с.Ресава, црквата „Св. Богородица“ во с.Бегниште, рече Николова.  Додаде дека поголем број на непотпишани икони има во црквата „Св. Димитрие“ во Смоквица, Гевгелиско, најголем број настанати во 1834 и 1835 година, најверојатно, како што рече, работени со помошник.

Николовски подвлече дека зографот Крсте од Велес е еден од позначајните икониписци од почетокот на XIX век, роден е во Велес во 80-90 тите години на XVIII век. Неговите дела се настанати во периодот од втората до четвртата деценија на XIX век, главно атрибуирани на територијата на денешна Македонија, во поголем дел анонимни. Крсте Зограф не сметал дека е потребно да го става потписот на секоја икона, својот потпис од досега евидентираните го ставил на девет икони. Информира дека за потеклото на зографот Крсте од Велес се дознава од неговиот потпис на неколку икони, каде го потенцира неговото потекло од градот Велес. За неговото потекло и наследници непосредно се дознава од натписот од манастирот на „Св. Ѓорѓи“ од Неготино, во кој зографот Костадин – Хаџи Косте зограф од Велес во 1875/76 го истакнува својот идентитет како син на Крсте Зограф, родум од Велес. Тој податок е потврден и со објавувањето на натписот од царските двери (1859 г.) од манастирот Согле, Велешко

Според него, иконографските предлошки по кои работел Крсте Зограф се најверојатно преку светогорските влијанија, но тој изградил свој специфичен стил. Се работи за солиден познавач на зографскиот занает, кој сосема добро владее со цртежот, а добро владее и со анатомската пропорционалност. Особено внимание посветува на ликот, цртите на лицето се силно нагласени.

Изложбата е дел од проектот прифатен од страна на Министерството за култура како дел од Годишната програма за остварување на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, музејска дејност за 2024 година. ад/мд/

Фото: МИА 

 

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан