• недела, 22 декември 2024

Во Брисел средба на Лајчак со главните преговарачи на Белград и Приштина за оптек на динарот на Косово

Во Брисел средба на Лајчак со главните преговарачи на Белград и Приштина за оптек на динарот на Косово

Белград, 25 март 2024 (МИА) - Во Брисел со посредство на ЕУ почна трилатералната средба на главните преговарачи во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, на која присуствуваат и експерти, јави дописникот на МИА од Белград.

Делегацијата од Белград, предводена од директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ и делегацијата од Приштина, предводена од Бесник Бисљими, започнаа разговори без претходни одвоени билатерални средби со европскиот посредник Мирослав Лајчак.

Тема на разговор треба да биде одлуката на Приштина за готовинските трансакции, оптекот, односно за забраната за користење динари на Косово.

Претходната средба како дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина се одржа во Брисел на 19 март, а Петковиќ по средбата изјави дека белградската делегација инсистирала првенствено на формирање на ЗСО, а второто главно прашање е одлуката на Приштина за укинување на динарот.

По таа средба, Лајчак на социјалната мрежа Х изјави дека со главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими разговарал за спроведувањето на Договорот за патот кон нормализацијата, како и за влијанието на одлуката врз готовинските трансакции.

-Беше важно да се утврдат некои факти и се договоривме да ја продолжиме нашата дискусија за ова прашање во понеделник во Брисел врз основа на конкретни и реални предлози што се очекува страните да ги достават претходно, изјави Лајчак по таа средба.

Лајчак оцени дека е постигнат напредок кога Србите на северот на Косово ја започнале процедурата за повторување на изборите во четири општини на север. Тој рече дека смета дека нема ризик од нов конфликт во балканскиот регион, иако има тензии, но дека нема потенцијал за конфликти и посочи дека меѓународните мисии се распоредени и во Косово и во Босна и Херцеговина.

Тој оцени дека атмосферата во Брисел е променета и дека ЕУ ја отвори вратата за проширување, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан. об/сд/

Остани поврзан