• четврток, 19 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Битола се одржа историски час за УКЛО и Македонско научно друштво

Во Битола се одржа историски час за УКЛО и Македонско научно друштво

Битола, 24 април 2025 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) и Македонско научно друштв (МНД)-Битола со заеднички историски час проекција на документарен филм „МНД – 65 години наука, уметност и култура“, го одбележаа денот на основањето и поврзаноста меѓу двете институции.

Македонско научно друштво во Битола е формирано на 25 април 1960 година од група битолски интелектуалци посветени на културата, науката и образованието, а на истиот ден, 25 април 1979 година формиран е вториот македонски универзитет кој денеска го носи името на Свети Климент Охридски.

-Нашите две институции ги обединува во еден симболичен континуитет на знаење, наука и култура, чии корени се длабоко вградени во овој простор. Оваа зграда, денес срцето на УКЛО, во 1960 година била дел од Околискиот државен архив во Битола, место каде што започнала приказната на МНД. Дваесет години подоцна, на истиот датум, 25 април, во 1979 година, овој простор станал сведок на основањето на вториот македонски универзитет. Оваа коинциденција не е случајна, таа е доказ за духот на заедништво и желба за развој на науката во Битола, градот кој секогаш бил расадник на знаење, просветителство и прогрес, истакна претседателката на МНД-Битола, Андоновска-Трајковска.

Годинава УКЛО, денот на основањето го одбележува под мотото „Корени и крилја“ симболизирајќи ја врската со традицијата и стремежот кон иновации, а во програмските активности освен МНД-Битола, директно се вклучени и првите луѓе на Алијансата на европски универзитети КОЛОРС.

-Никулците на МНД-Битола се дел од коренот на УКЛО кој е многу длабок. Формално правно 25 април 1979 година е ден на основањето на Универзитетот во Битола кој од 2004 година го носи името на својот патрон Свети Климент Охридски со што се дава јасна симболика дека своите корени ги влечи од средновековниот св. Климентов универзитет. Годинашната прослава е поразлична и со фактот дека на нашиот „Отворен ден на УКЛО“ присутвуваат новата претседателка на Алијансата КОЛОРС, универзитетската професорка Хаике Тратутман и директорката КОЛОРС Анете Клинкерт, истакна ректорот Игор Неделковски.

На заедничкиот историски час беше емитуван документарниот филм „МНД – 65 години наука, уметност и култура“ чија содржина ја подготви универзитетската професорка Силвана Нешковска, воедно потпретседателка на МНД-Битола.

-Филмот е посветен на историските околности на основањето на Друштвото, организациската структура и научната дејност, а завршува со визијата на МНД-Битола. Во секој дел нарацијата е поткрепена со лични сведоштва, интервјуа и сеќавања на членови на Друштвото, а визуелниот ефект е дополнет со слики од архивата на МНД-Битола, посочи Нешковска.

Свеченостите на УКЛО и МНД-Битола посветени на денот на основањето 25 април, продолжуваат со свечена акдемија и отворен ден за средношколците. мт/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан