Во Битола се одржа интерактивна работилница за обновливи извори на енергија
- Македонско научно друштво Битола во соработка со Општина Битола одржа интерактивна работилница за учениците од основните училишта во кои што се поставени фотонапонски електрични централи.
Битола, 3 јуни 2025 (МИА) - Македонско научно друштво Битола во соработка со Општина Битола одржа интерактивна работилница за учениците од основните училишта во кои што се поставени фотонапонски електрични централи.
Со свои тимови учествуваа ученици од основните училишта „Елпида Караманди“, „Коле Канински“, „Стив Наумов“, „Даме Груев“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ и „Крсте Петков Мисирков“ кои презентираа свои сознанија за енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија и понудија сопствени визии за тоа како ја гледаат иднината на еколошки „зелена“ Битола.
-Во време на климатски промени, но и загаден воздух, мора да се внимава на заштедата на електричната енергија и квалитетот на животната средина. Во седумете основни училишта, во кои што досега поставивме фотоволтаици, според проценките, заштедата на електрична енергија ќе биде околу 16.000 евра на годишно ниво. Со тие средства секое училиште ќе може да набави опрема, или да санира според сопствените потреби. Нашата заложба е да овозможиме што поголема енергетска ефикасност во сите училишта и работиме на тоа, истакна градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Претседателката на МНД-Битола, Даниела Андоновска Трајковска истакна дека интерактивната работилница што се одржа во ОУ „Елпида Караманди“, беше иницирана и е дел од годишната програма за работа на Одделението за технички науки. мт/сст/
Фото: Општина Битола