• петок, 22 ноември 2024

Во Битола промовирани нови инклузивни игралишта и паркови за деца

Во Битола промовирани нови инклузивни игралишта и паркови за деца
Битола, 25 јуни 2021 (МИА) - Општина Битола промовира четири нови градски локации на кои се изградени инклузивни игралишта и паркови за деца. Станува збор за дворните места на детските градинки „Коца Василева“ и „Пролет“ и училишните дворови на ОУ „Коле Канински“ и ОУ „Свети Климент Охридски“, каде се направени детски инклузивни паркови и детски креативни игралишта на кои децата ќе го минуваат своето време на отворен простор, преку забава, едукација, рекреација и социјализација. Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека освен уредување, општината во својот возен парк обезбеди уште едно транспортно возило – минибус, наменето за лицата со попречености, а вкупната инвестиција за реализацијата на овие два проекти изнесува 2,7 милиони денари. -Подобрувањето на условите и новите можности кои создаваат еднакви услови за сите граѓани, се дел од проектите „Урбана мобилност – возила прилагодени за лица со попречености“ и „Инклузивни училници и игралишта во училишта и градинки“.  Проектите произлегоа од четирите одржани Форуми во заедницата чија што тема беше социјална инклузија во општина Битола. Проектите се реализирани преку програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), која во соработка со национални и локални партнери го спроведува проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка. Проектот има цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста на локалната власт преку поддржување на општинските совети при вршење на нивната функција. Притоа, истиот ги поддржува општините во постигнувањето на поголема отвореност и инклузивност, со што  се помага во градењето на јавната доверба во локалните институции, информираа од локалната самоуправа. Општина Битола е една од вкупно 24 општини, вклучени во проектот „Зајакнување на општинските совети“ преку кој се подобруваат капацитетите на општинските советници во државата, а вкупно 1,2 милиони швајцарски франци се наменети за грантови за реализација на приоритетни иницијативи во сите општини учеснички. мт/цр

Остани поврзан