• понеделник, 23 декември 2024

Вооружени банди бараат соборување на премиерот на Хаити

Вооружени банди бараат соборување на премиерот на Хаити

Порт-о-Пренс, 1 март 2024 (МИА) - Тешка престрелка се случи вчера во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, при што водачот на една од главните банди вмешана зборуваше за координирани напади со цел да се собори од власт премиерот Ариел Хенри.

Престрелки се слушнаа во неколку населби во областа Порт-о-Пренс, додека безбедносните сили се обидоа да ги одбијат напаѓачите кои ги гаѓаа полициските станици, полициската академија и други стратешки локации, како што е аеродромот Тусен-Лувертур.

Училиштата, универзитетите и разни јавни и приватни институции ги прекинаа своите активности, додека стотици луѓе се засолниле во своите домови.

Студентите на Државниот универзитет на Хаити беа земени како заложници пред да бидат ослободени, изјави деканката на земјоделскиот факултет Џоселин Луисен. Најмалку еден ученик бил застрелан и повреден во нападот, додаде тој.

Неколку авиокомпании ги откажаа своите домашни и меѓународни летови откако проектили погодија авиони и делови од аеродромскиот терминал Тусен-Лувертур.

Од атентатот на претседателот Џовенел Моис во 2021 година, Хаити се соочи со сериозна политичка, безбедносна и хуманитарна криза, при што вооружените банди ја преземаа контролата врз поголемиот дел од земјата додека се зголемуваат убиствата.

На власт од 2021 година, Ариел Хенри требаше да ја напушти функцијата на почетокот на февруари.

-Денес објавуваме дека сите вооружени групи ќе дејствуваат за да го издејствуваат заминувањето на премиерот Ариел Хенри, рече водачот на бандата, Џими Шеризие, во видео објавено на социјалните мрежи. Ќе ги искористиме сите стратегии за да ја постигнеме оваа цел.

Премиерот Ариел Хенри моментално е во Кенија, земјата која ќе ја предводи мисијата на ОН за помош на полицијата во борбата против бандите. ОН вчера објавија и дека пет земји го потврдиле своето учество во оваа коалиција и тоа Бахамите, Бангладеш, Барбадос, Бенин и Чад. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан