• петок, 22 ноември 2024

Во  Велес се одржа јавна расправа за проектот за изградба на гасоводна делница Свети Николе - Велес

Во  Велес се одржа јавна расправа за проектот за изградба на гасоводна делница Свети Николе - Велес

Велес, 10 март 2023 (МИА) - Јавна расправа во врска со Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти (ОВЖССА) за Проектот за изградба на гасоводна делница Свети Николе - Велес во должина од 27,5 километри денеска се одржа во големата сала на Општина Велес. 

Проектот e дел од пошироката програма за гасификација на зермјава, a ќе обезбеди природен гас за три општини: Свети Николе, Лозово и Велес со вкупно 70 илјадно население.

Како што појаснија од Одделението за животна средина и просторно планирање на Општина Велес, целта на оваа студија за ОВЖССА  е да ги оцени потенцијалните корисни и негативни еколошки и социо-економски влијанија кои можат да произлезат од Проектот и неговите придружни објекти во сите фази од неговиот животен циклус. Воедно да се развијат мерки за ублажување, да се оценат преостанатите влијанија по примена на мерките за ублажување и да се следат истите.

Проектот е подржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а усогласен со Националната стратегија за развој на енергетиката до 2040 година.

Како што информира за МИА,Тања Димитрова Василковска, експерт за оцена на влијание врз животната средина и дел од тим на Градежен институт Македонија кој ја изработуваше Студијата за оценка на влијание врз животната средина и социјални аспекти ОВЖССА, за изработка на Студијата биле ангажирани од Национални енергетски ресурси заедно со Друштвото за планирање, проектирање и  инженерство „ ПРОСТ“ од Куманово.

-Како експертски тим во студијата   посочивме да се почитуваат препораките за заштитата на животната средина, во однос на воздухот да нема премногу прашина и да нема бучава над законските одредби. Да се заштитат почвата, водите, биодиверзитетот, правилно  да се постапува со отпадот, да има лиценцирана компанија која знае да постапува со таков отпад. Воедно да се внимава на културното наследство на трасата и во случај на појава на археолошки локалитети, да се ангажира квалификуван експерт, појасни Димитрова Василковска.

Делницата на гасоводот Свети Николе - Велес ќе биде долга 27,5 километри. Трасата на гасоводот ќе се гради источно од Свети Николе и северно од селото Ерџелија, како приклучок после Блок станицата 2 на постојниот гасовод кај Кавадарци. Таа продолжува југоисточно кон Велес  каде што завршува со Блок станица, Чистачка станица и Главна мерна регулациона станица Велес.

Инвеститорите најавија дека изградбата на гасоводот на оваа делница  планираат да  започне за околу една година.

Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти со прилозите е објавена и може да се преземе од веб страницата на Општина Велес http://www.veles.gov.mk. ад/вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан