• сабота, 28 декември 2024

Владиката Тимотеј денеска ќе биде погребан на Плаошник во Охрид

Владиката Тимотеј денеска ќе биде погребан на Плаошник во Охрид

Охрид, 28 ноември 2024 (МИА) – Посмртните останки на упокоениот Митрополит Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, ќе бидат погребани денеска на пладне, во јужната апсида на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.

Според одлуката на Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, церемонијата на погребението ќе започне во 9 часот во црквата „Света Софија“, со Света литургија со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни православни цркви.

Инаку, по повод упокојувањето на владиката Тимотеј, Општина Охрид денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, така што откажани се сите културно-забавни збиднувања на територијата на Општината.

Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, почина завчера во Скопје каде неодамна беше хоспитализиран поради проблеми со срцето. 

Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година, кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.

Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ. аб/лв/

фото/МИА

 

 

 

Остани поврзан