• недела, 22 декември 2024

Влада: Во пет години, петпати намалена смртноста на предвремено родените бебиња

Влада: Во пет години, петпати намалена смртноста на предвремено родените бебиња

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Во последниве пет години за петпати е намалена смртноста на предвремено родените деца, односно од 25 отсто во 2016 година на 5,6 отсто во 2023 година, што се должи и на сериозните напори на Владата за инвестирање во подобрување на условите во здравствените установи, соопшти владината прес-служба.  

- Денеска се одбележува Светскиот ден на предвремено родените деца - 17 ноември. Владата на Република Северна Македонија се приклучува кон одбележувањето на овој ден, со цел да се подигне свеста за предизвиците и за товарот на предвременото породување и како да се овозможат најдобрите здравствени услови за предвремено родените деца да преживеат и да напредуваат. Разбирајќи ја потребата за соодветна грижа на предвремено родените деца, Владата на Република Северна Македонија посветено работеше и продолжува да работи на обезбедување на сите неопходни услови во здравствените установи за да се излезе во пресрет на потребите на овие деца, пишува во соопштението.

Трендот на зголемени вложувања во капиталните инвестиции во здравствениот сектор и стимулирање на работата на вработените во јавните здравствени установи со зголемени плати, се додава во соопштението, ќе продолжи и понатаму.

 - Еден од врвните приоритети на Владата на Република Северна Македонија е создавање на соодветни услови за здрав и квалитетен живот на сите наши граѓани, истакнуваат од владината прес-служба.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ги посети предвремено родените бебиња на Клиниката за гинекологија и акушерство. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан