• недела, 22 декември 2024

Владата утврди текст за измени на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, именувани нови членови  на Националниот совет за развој 

Владата утврди текст за измени на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, именувани нови членови  на Националниот совет за развој 

Скопје, 20 февруари 2024

Владата утврди текст на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Со измените на Законот, како што е образложено од предгагачот, Министерството за култура, се зголемува заштитата на споменичката целина на Старото градско јадро на Охрид, согласно препораките и Одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

Исто така, со измените се создава правна основа за унапредување на заштитата на Старото градско јадро на Охрид.

Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје“, со Решение на УНЕСКО од 1979/80 година.

Најзначајна новина којашто е предвидена со овој Предлог на закон е дека до донесување на новите детални урбанистички планови усогласени согласно заштитата утврдена во него, во Старото градско јадро на Охрид не ќе може да се градат нови објекти, доградби и надградби.

Дополнително Предлогот на законот содржи одредби за посебна заштита на Старото градско јадро на Охрид и на неговата контактна зона, со цел да се спречат дејства, појави и влијанија со коишто се врши или може да настане оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина.

Влaдата на денешната седница ја разгледа и усвои и Информацијата со Предлог - решение за именување членови на Националниот совет за развој, на предлог на Генералниот секретаријат на Владата и донесе Решение за именување членови на Националниот совет за развој.

 Од страна на Владата, претходно, беше донесeна Одлука за формирање на Национален совет за развој, како постојано советодавно тело на Владата, за работи поврзани со Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година, чиишто членови се утврдени денеска. За членови на Национален совет за развој се именувани: претседателот на Владата, Талат Џафери, замениците на претседателот на Владата: Бојан Маричиќ, Артан Груби, Фатмир Битиќи и Славица Грковска, генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, министрите: Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Славјанка Петровска. Во составот на ова тело се предвидени претставници и од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, МАНУ, координатори и претставници на политички партии во Собранието, претставници од стопанските комори во државава, синдикати, градоначалници односно претседатели на советите за развој на планските региони, претставници од универзитетите, од Националниот младински совет.

Сектор за односи со јавноста на Владата

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Влада

Остани поврзан