• вторник, 27 февруари 2024

Вкупно 87 договори за грант поддршка на мали семејни винарии доделени во Неготино

Вкупно 87 договори за грант поддршка на мали семејни винарии доделени во Неготино

Неготино, 7 декември 2023 МИА) - Вкупно 87 договори за грант поддршка во развојот на мали семејни винарии, беа доделени денеска во Неготино. Се работи за поддршка во вредност од 51 милион денари, средства на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со кои се помагаат малите семејни винарии, во набавка на опрема за производство и ангажирање на стручно лице енолог.

Набавка на иноксни садови и цистерни, водена преса, пумпи за вино, гроздомелачка, каца, филтри, полначки за вино и затворачки за плутени тапи, како и поддршка во ангажирање на стручно лице енолог, се дел од инвестициите кои се поддржуваат.

На настанот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, Горан Јаковлевски, претседател на здружението на Македонски семејни винарии, претставници на малите семејни винарии, добитници на договорите за поддршка од вториот јавен повик за грант поддршка на малите семејни винарии. 

На настанот беше потсетено дека приказната за малите семејни винарии започна во 2019 година. Тогаш преку измените во законот за вино се олеснија критериумите и се создадоа можност за регистрација на физички лица како производители на вино, отворајќи го патот за развој на малите семејни винарии. Присутните проследија видео, за тоа како се развиваше убавата приказна за малите семејни винарии. Беше кажано дека вака започна развојот на нашите мали семејни винарии. Денес тие се наша гордост, по која сме препознатливи во регионот. Уште од самиот почеток малите семејни винарии ја имаат поддршката од министерството и државата, преку грант поддршка до 10.000 евра, за набавка на опрема за производство.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски,  ги нагласи креираните бројни програми за поддршка. 

- Тие се наша гордост и препознатлив македонски бренд, нагласи Николовски, говорејќи за малите семејни винарии и за важноста на секторите лозарство и винарство. 

Беше кажано дека одлична е соработката помеѓу министерството и здруженијата на малите семејни винарии, со кои заедно се креираат мерките за развој и поддршка на малите семејни винарии. Вака креираните мерки секогаш даваат резултати.

Горан Јаковлевски, претседател на здружението на Македонски семејни винарии, се осврна на соработката со Министерството за земјоделство и поддршката што континуирано ја добиваат. 

- Сите овие грантови завршуваат  на вистинското место. Само со квалитетна опрема може да се произведе квалитетно вино, нагласи тој, додавајќи дека малите семејни винарии редовно добиваат награди во земјава и странство, за квалитетно произведеното вино.

Од 2019 година до денес, се регистрирани вкупно 173 мали семејни винарии, од кои само во оваа година се бележи регистрација на нови 95 мали семејни винарии. До сега распишани се два јавни повици за поддршка на малите семејни винарии. Преку првиот повик поддршка беше обезбедена за 59 семејни винарии, а веќе на вториот повик има скоро двојно поголема бројка на договори, дури 87 договори за грант поддршка до 10.000 евра, при набавка на опрема за производство.

На настанот беше истакната желбата, за успешна реализација на планираните инвестиции и успешен развој на новите мали винарии, за заеднички да се издигне убавото македонско вино, уште погоре на светскат винска мапа. свд/


Фото: МИА

Остани поврзан