Вицепремиерката на Молдавија вели дека официјалните преговори за пристапување во ЕУ би можеле да започнат во септември
- Вицепремиерката и министерка за европски интеграции на Молдавија, Кристина Герасимов, изјави за телевизијата Молдавија 1 дека земјата е подготвена да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ во септември.
Кишињев, 7 август 2025 (МИА) - Вицепремиерката и министерка за европски интеграции на Молдавија, Кристина Герасимов, изјави за телевизијата Молдавија 1 дека земјата е подготвена да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ во септември.
Според неа, Кишињев го исполни главниот технички услов - скринингот, кој вклучува споредба на националниот и европскиот правен систем.
-На крајот сме од процесот на скрининг… Европскиот совет утврди дека Молдавија е подготвена да започне преговори за првиот кластер, кој се однесува на фундаменталните вредности, рече Герасимов.
Преговорите ќе започнат со главниот столб на европската интеграција - владеењето на правото, функционирањето на судството и фундаменталните права. За да го поддржат овој процес, властите во Кишињев одобрија три патокази за спроведување реформи во јавната администрација, судството и функционирањето на демократските институции.
-Постигнавме сè што е потребно како техничка основа за започнување преговори, а Брисел позитивно ги оцени преземените реформски обврски, додаде вицепремиерот.
Кристина Герасимов истакна дека Молдавија има корист од едногласната поддршка на 27-те земји-членки на ЕУ. За време на нејзината неодамнешна посета на Литванија, Латвија и Финска, таа доби уверенија за поддршка во клучни области како што се борбата против дезинформациите, обуката на службениците од јавната администрација и инвестирањето во зелена енергија.
Во контекст на хибридната војна на Русија во регионот, Герасимов ја истакна опасноста од дезинформациите и ги предупреди граѓаните да бараат информации од официјални извори.
-Ова не е прв пат нашата земја да биде нападната со цел да сее страв и да се предизвика нестабилност. Важно е да им се верува на граѓаните - тие можат да ја разликуваат вистината од манипулацијата, резимираше Кристина Герасимов. мс/
фото: МИА архива