• вторник, 21 јануари 2025

Виркунен пред европратениците: Европската комисија подготвува „штит на демократијата“ 

Виркунен пред европратениците: Европската комисија подготвува „штит на демократијата“ 

Брисел, 21 јануари 2025 (МИА) - Европската комисија работи на подготовка на посебен план, наречен „штит на демократијата“, кој ќе има за цел да се бори против „странските дезинформации и домашните закани“ во ЕУ, најави денеска извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен.  

- Наскоро ќе започнеме јавна консултација за ова, рече Виркунен за време на дебатата во Европскиот парламент за потребата од спроведување на Законот за дигитални услуги заради заштита на демократијата од илегалните содржини, дезинформациите и другите општествени ризици што се пласираат преку социјалните мрежи. 

Во текот на дебатата европратениците побараа „побрза и посилна акција“ на Европската комисија за имплементација на дигиталните правила на ЕУ, како и преземање мерки и против извршните директори и сопствениците на онлајн платформите за кои ќе се утврди дека ги прекршуваат одредбите на Законот за дигитални услуги (ДСА), вклучително и против сопственикот на Икс, Илон Маск.  

Во одговор на ваквите барање на европратениците, Виркунен нагласи дека ЕК е целосно посветена на спроведувањето на правилата утврдени со ДСА од страна на онлајн платформите, потсетувајќи дека во тек се десетина истраги за непочитување на законските одредби. 

- Ќе напредуваме со случаите. Со цврсти докази ќе дојдеме до законски можни решенија, додаде Виркунен. 

Во врска со барањата на европратениците за побрзо завршување на истрагите за „странско мешање преку социјалните мрежи во романските и германските избори“, Виркунен нагласи дека ваквата појава „бара моќен одговор“.  

- Во последниве денови Европската комисија побара од Икс да обезбеди информации за системите за препораки. Потребна е силно и навремена имплементација, истакна потпретседателката на ЕК. 

Таа најави дека планира и зголемување на бројот на вработени кои се задолжени за следење на почитувањето на ДСА на 200 лица, со цел да се обезбеди целосна имплементација и почитување на законските одредби. 

Претседателката на пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), шпанската европратеничка Ираче Гарсија Перез во дебатата оцени дека Европската Унија мора да има клучна улога во одбраната на демократијата. 

- На социјалните медиуми се гледаше како на алатка за прогресот, но сега тие станаа опасно оружје во рацете на оние кои сакаат да ги нападнат вредностите на ЕУ, рече Гарсија Перез. 

Според неа, неприфатлив е молк на Европската комисија кога станува збор за ваквите појави. 

- Потребно е ЕУ да покаже лидерство, оцени Гарсија Перез. 

Германскиот европратеник Андреас Шваб од редовите на Европската народна партија (ЕПП) нагласи дека ЕУ треба да даде приоритет на спроведувањето на законските одредби во дигиталната сфера. 

- Треба да обезбедиме санкциите да се преземат без двоумење кога ќе се потврдат прекршувања, рече Шваб, 

Според неговата сонародничка од редовите на Зелените, Александра Гиз, „по неколку недели молк“, ЕК треба да дејствува „силно и брзо“. 

- Потребни ни се итни истраги за да го идентификуваме механизмот што води до дезинформации, да ги запреме системите за онлајн препораки и да поддржиме подобри социјални медиуми, кои нема да бидат контролирани од технолошките олигарси, додаде германската европратеничка. 

Копретседателот на групата на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Никола Прокачини, меѓутоа, оцени дека барањата за построго спроведување на ДСА претставуваат „прекумерна реакција на се помалата доминација на левицата врз политичкиот дискурс на социјалните медиуми и на слабеењето на влијанието на мејнстрим прогресивната мисла“. сп/

Фото: ЕП

Остани поврзан