• петок, 05 декември 2025

Викендов спортско-рекреативната менифестација „Охрид Ултра Треил 2025“

Викендов спортско-рекреативната менифестација „Охрид Ултра Треил 2025“

Охрид, 23 мај 2025 (МИА) – Охрид овој викенд ќе мине во духот на спортот, рекреацијата и авантуризмот со седмото издание на „Охрид Ултра-Треил“ трките низ падините на планината Галичица.

Предвидно е во рамки на манифестацијата да се одржат пет планински трки на 105, 65, 42, 21 и на десет километри. Најдолгата трка насловена како и самиот настан „Охрид Ултра-Треил“ е единствена од трките што ќе стартува вечерва во 23 часот. Сите останати трки стартуваат утре и тоа „Галичица Ултра 65 километри“ со старт во 7 часот од Свети Наум, па „Самотска Маратон“ со старт од Пештани во 8 часот, „Летница треил“ од 10 часот, додека најкратката „Рамне Треил“ започнува во 11 часот.

Оваа година трката на 65 километри – Галичица Ултра воедно ќе биде и квалификациска трка во скајранинг дисциплината СкајУлтра каде најбрзите во машка и женска конкуренција од Македонија имаат можност да бидат дел од македонската скајранинг репрезентација во 2025.

Сите трки минуваат низ патеки, врвови, гребени и долини во Националниот парк „Галичица“, а финишот е на Градскиот плоштад во Охрид.

Според организаторите на манифестацијата, за „Охрид Ултра-Треил“ има голем интерес кај странските тркачи и авантуристи, не само од соседните туку и од подалечни држави. Седмото издание на „Охрид Ултра-Треил“ донесува рекордни 650 пријавени учесници од 42 различни земји.

Првата „Охрид Ултра-Треил“ манифестација се одржа во 2019 година, со две трки во планинско трчање на 60 и 30 километри. Од првото издание на кое имаше 130 учесници за четири одлични последователни изданија „Охрид Ултра-Треил“ прерасна во препознатлив мултинационален спортски настан под отворено небо. аб/мд/

фото: плакат

 

Остани поврзан