Вечерва средба Мицотакис – Ердоган на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк
- Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вечерва ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а според медиумите во Грција, во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните и регионалните прашања, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 23 септември 2025 (МИА) – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вечерва ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а според медиумите во Грција, во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните и регионалните прашања, јави дописничката на МИА од Атина.
На средбата, според истите информации ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на двете земји Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан, како и дипломатските советници на грчкиот премиер и турскиот претседател.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите посочи дека средбата е во рамките на напорите на официјална Атина за зајакнување на земјата и продолжување на дијалогот со Турција и нагласи дека и актуелната Влада ја продолжува практиката на претходните Влади „воопшто да не ги става на масата на разговори прашањата за суверенитетот, прашањата за црвените линии на земјата“.
Пракса од изминатите години е Мицотакис и Ердоган да одржуваат билатерални средби секогаш кога и двајцата ќе се најдат на ист настан, како што се конференции, самити, но и Генералното собрание на ОН. ср/сд/