• петок, 22 ноември 2024

„Веселото момче“ Леон Шварцбаум, преживеан oд Аушвиц, почина на 102 години

„Веселото момче“ Леон Шварцбаум, преживеан oд Аушвиц, почина на 102 години
Берлин, 15 март 2022 (МИА) - Леон Шварцбаум, преживеаното „весело момче“ од нацистичкиот логор Аушвиц и долгогодишен борец за правдата и вистината за жртвите на холокаустот, почина на 102-годишна возраст, во Потсдам, близу Берлин, објави Меѓународниот комитет на Аушвиц на својата страница. „Со голема тага, почит и благодарност, преживеаните од Холокаустот ширум светот се збогуваат со својот пријател, придружник и соборец, Леон Шварцбаум, кој стана еден од најважните современи сведоци последниве десетлетија“, соопшти Комитетот. Шварцбаум е единствениот член од неговото семејство што ги преживеал концентрационите логори во Аушвиц, Бухенвалд и Захенхаузен, соопшти Комитетот. Тој ѝ стана познат на пошироката јавност кога режисерот Ханс Ерих Фит сними филм за неговиот живот во 2018 година. Филмот „Последниот од веселите момчиња“ (Der letzte Jolly Boy) е снимен со Шварцбаум на оригиналните места на злострот. Роден е 1921 година во полско-еврејско семејство во Хамбург, северна Германија. Израснал во Полска, од каде што семејството било депортирано во Аушвиц, 1943 година. По војната, долго време живеел во Берлин, каде работи како продавач на уметност и антиквитети. Се оженил двапати, но немаше деца, објави Билд. Шварцбаум го посвети својот живот на распространување на вистината за Аушвиц и другите нацистички логори. Гостувал на разни ТВ-емисии, а посетувал и училишта во Германија за да им раскажува на децата за својот живот. „Особено во своите последни години, Леон Шварцбаум беше охрабрен од желбата да се сеќава на своите родители кои беа убиени во Аушвиц и на сите други жртви на Холокаустот. Тој говореше во нивно име“, рече Кристоф Хојбнер, извршен потпретседател на Меѓународниот комитет на Аушвиц. Во писмото со сочувство до неговата сопруга, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер рече дека тие губат „прекрасно човечко суштество и важен сведок на историјата“. „Самиот Леон Шварцбаум доживеа што значи кога криминалниот режим ги потиснува човековите права и човечкото достоинство“, пишува Штајнмаер, пофалувајќи го за сведочењето за „најтемниот период во Германија“ и предупредувајќи за опасностите од десничарскиот екстремизам и ксенофобијата.  си/сд/

Остани поврзан