• понеделник, 04 ноември 2024

Велосипедски, трим патеки и урбана опрема поставени во стариот градски парк во Куманово

Велосипедски, трим патеки и урбана опрема поставени во стариот градски парк во Куманово

Куманово, 4 ноември 2024 (МИА) - Општина Куманово продолжи со инвестиции во стариот градски парк, соопштија денеска надлежните, изградени се нови велосипедски патеки, трим патеки, има ново спортско игралиште и поставена е нова урбана опрема.

- Кумановскиот зелен градски парк во ново руво, со нови велосипедски и трим патеки, ново спортско игралиште и нова урбана опрема, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Општината за доуредувањето и поставувањето на нова урбана опрема според податоците на електронскиот систем за јавни набавки одвои речиси десет милиони денари со вклучен данок на додадена вредност. Договорот со избраната компанија беше склучен во август, годинава.

Претходно во неолку наврати, општина Куманово ги реконструираше патеките во овој парк, постави во стариот градски парк, поставена е инфраструктура, изгради нов паркинг простор и игралиште за кошарка.

Изградбата на паметниот парк во т.н. стар градски парк во Куманово почна во март 2022 година. Изградбата на Смарт парк се спроведува преку проектот на Центарот за развој на североисточниот плански регион „Подобрување на инфраструктурата за развој на алтернативни форми на туризам, спорт и животна средина“ со кој се предвидени повеќе активности. Подоцна во неколку наврати општината одвојуваше средства за доуредување. Урбаната опрема која беше поставена во неколку наврати беше мета на вандалско однесување. Дел од клупите беа фрлени и во реката.

Стариот градски парк во Куманово сместен покрај течението на Липковка во минатото бил култно место за рекреација на старите кумановци. Паркот се простира на површина од 38 илјади квадратни метри. Според податоците на ЈП „Чистота и Зеленило“ во паркот има над 370 дрвја претежно листопадни. ам/сст/


Фото: Општина Куманово

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан