Велешани го прославуваат Празникот Источен Петок - Балаклија
- Празникот Источен Петок - Балаклија посветен на Пресвета Богородица, како градска слава и годинава велешани по традиција секој прв четврток односно петок по Велигден го прославуваат во манастирскиот комплекс „Свети Великомаченик Димитрија“ и околните цркви „Света Петка“ и „Свети Никола“ со палење на свеќи за здравје, а велигденски јајца се оставаат на иконите. Прославата започна вчера попладне и трае и во текот на денешниот ден кога велешани масовно одат пеш од Стар Мост до манастирскиот комплекс оддалечен на два километри.
Велес, 25 април 2025 (МИА) - Празникот Источен Петок - Балаклија посветен на Пресвета Богородица, како градска слава и годинава велешани по традиција секој прв четврток односно петок по Велигден го прославуваат во манастирскиот комплекс „Свети Великомаченик Димитрија“ и околните цркви „Света Петка“ и „Свети Никола“ со палење на свеќи за здравје, а велигденски јајца се оставаат на иконите. Прославата започна вчера попладне и трае и во текот на денешниот ден кога велешани масовно одат пеш од Стар Мост до манастирскиот комплекс оддалечен на два километри.
Во манастирот „Свети Великомаченик Димитриј“, во предвечерјето на празникот Митрополитот Повардарски Агатангел во сослужение со бројното свештенство синоќа отслужи Вечерна Богослужба, а утрово и Света Божествена Литургија на која присуствуваа повеќе православни верници од градот и населени места од општината. Некои од нив синоќа преноќија во манастирските конаци за здравје.
Инаку на патот кон манастирот кој и годинава беше запрен за сообраќај од екипи на СВР Велес, а вчера попладне и вечерта по традиција имаше поставени голем број на тезги со разни икони, украси, накит, играчки храна и сокови, со продавачи дојдени од повеќе градови.
Манастирот „Свети Великомаченик Димитрија“ за време на турското владеење на овие простори бил затрупан со земја цели пет века, за да биде повторно откопан во 1855 година,откако на воденичарот Петре Здравев му се јавил светецот.
Со финансиска подршка на градските големци манастирот бил откопан, а бил зографисан од познатиот Зограф Хаџи Косте Крстев.
Гробот на Петре Здравев се наоѓа десна од влезот во манастирската црква, каде велешани, исто така, палат свеќи. ад/сст/
Фото МИА архива