Вдовицата на соборениот шах, Фара Пахлави по протестите во Иран: Нема враќање назад
- „Но, она што навистина е важно не е мојата лична судбина! Тоа е дека младите и целиот ирански народ конечно се слободни и ослободени од овој криминален, ретрограден и мрачен режим“, додаде Пахлави од својот стан во Париз
Париз, 21 јануари 2026 (МИА) - Вдовицата на соборениот ирански шах, Фара Пахлави, изјави дека „нема враќање назад“ по протестите против Исламската Република, додавајќи дека е убедена дека Иранците ќе излезат „победници од оваа нееднаква битка“.
Протерана од земјата со својот сопруг во јануари 1979 година за време на револуцијата што го донесе ајатолахот Хомеини на власт, вдовицата на соборениот шах рече дека нејзината „желба“ и „потреба денеска е да се врати во Иран“.
„Но, она што навистина е важно не е мојата лична судбина! Тоа е дека младите и целиот ирански народ конечно се слободни и ослободени од овој криминален, ретрограден и мрачен режим“, додаде Пахлави од својот стан во Париз, откако се согласи да одговара на новинарски прашања за ситуацијата во нејзината родна земја во писмена форма.
„Одбив голем број новинарски прашања во последните недели, но моја должност е да испратам порака не само за поддршка на моите сонародници, туку и до целиот свет кој мора да ги поддржи“, рече 87-годишната Фара Пахлави на беспрекорен француски јазик.
Кралица на 21 година, крунисана за шахбану (царица) на 29 години од нејзиниот сопруг, Фара Диба Пахлави, во 1960-тите и 1970-тите години постојано беше присутна на насловните страници на меѓународните списанија, пред се, поради раскошниот животен стил.
Нејзината судбина се промени на 16 јануари 1979 година, која заедно со нејизниот соруг, монархот Реза Пахлави, беа симнати од престолот. Оттогаш, таа живее во егзил, делејќи го своето време главно помеѓу Париз и САД, каде што живее нејзиниот најстар син, Реза Пахлави. Тој сега изјави дека е подготвен да предводи демократска транзиција во својата татковина.
На 28 декември минатата година во Иран избувнаа протести против високите трошоци за живот, што на 8 јануари ескалираа во големи демонстрации низ целата земја. Со масовноста и жестокоста на протести отворено беше предизвикано раководството на Исламската Република, кое потоа насилно ги задуши, а невладините организации соопштија дека во нив илјадници Иранци беа убиени.сд/ссм/
фото:ЕПА