• четврток, 19 декември 2024

Вафа: Во израелски воздушни напади врз Појасот Газа убиен 21 цивил, најмногу во Рафа

Вафа: Во израелски воздушни напади врз Појасот Газа убиен 21 цивил, најмногу во Рафа

Газа, 7 мај 2024 (МИА) - Најмалку 21 цивил, меѓу кои и деца, загинаа во израелското бомбардирање на Појасот Газа, од кои повеќето во јужниот град Рафа, јави палестинската новинска агенција Вафа.

Како што е наведено, најмалку 20 лица загинаа во израелското бомбардирање на Рафа, а десетици се повредени, додека еден цивил е убиен во градот Газа кога беше бомбардирано училиште во кое се сместени раселените Палестинци.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека изведуваат „целни напади“ против палестинската милитантна група Хамас во источниот дел на Рафа.

ИДФ денеска соопшти дека ја презела оперативната контрола над палестинската страна на јужниот премин Рафа во Газа, кој се граничи со Египет, и дека специјалните сили ја скенираат областа.

Израелскиот воен кабинет вчера одлучи да ја спроведе планираната операција во Рафа со цел „да изврши воен притисок врз Хамас“, и покрај претходното соопштение на Хамас дека палестинската група се согласила со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот.

Израелскиот кабинет соопшти дека целта на „операцијата“ во Рафа е да се постигне напредок во ослободувањето на заложниците, како и други воени цели. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан