• четврток, 19 декември 2024

Букурешт е меѓу десетте градови во светот со најголем ризик од сеизмичка ранливост

Букурешт е меѓу десетте градови во светот со најголем ризик од сеизмичка ранливост

Букурешт, 4 март 2024 (МИА) - Букурешт е еден од десетте градови во светот со најголем ризик од сеизмичка ранливост. Секој четврти жител на романската престолнина би претрпел големи загуби во случај на силен земјотрес. Ова го покажуваат податоците на Светска банка, објавени од весникот „Адеверул“ на денот кога жителите на земјата се сеќаваат на смртоносниот земјотрес од 4 март 1977 година со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала. Природната катастрофа однесе животи на повеќе од 1.500 луѓе, а уништи или целосно урна 32.900 згради.

Во следниот таков голем земјотрес, повеќе од 23 илјади станбени згради би можеле да претрпат сериозни оштетувања, а уште илјада би можеле да се урнат, според планот за анализа на ризик на општина Букурешт направен во 2022 година.

Во студија од 2019 година, Светска банка процени дека во случај на голем земјотрес, економските загуби во Букурешт - од човечки животи до уништени згради, од запирање на производството до обезбедување засолниште и храна за жртвите - ќе изнесуваат повеќе од 10 милијарди евра. т.е. седум проценти од БДП на земјата.

Сите овие факти и земјотресот со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала на 14 февруари минатата година во округот Горц во Романија предизвикаа тревога во земјата. Не случајно „земјотрес“ беше најпребаруваниот збор на Гугл во Романија во 2023 година.

Во март минатата година, поранешниот министер за развој Чеке Атила предложи забрана за издавање станови лоцирани во згради со „прв степен на сеизмички ризик, често означени со голема црвена точка на фасадата. Наредбата беше одобрена од романскиот парламент и стапи во сила на 1 јануари 2024 година.

Во последниве години, во Романија беа усвоени неколку закони за минимизирање на сеизмичкиот ризик, вклучително и оној кој стапи на сила во јули 2022 година и кој дозволува зајакнување на зградите со сеизмички ризик со помош на државни средства. Сепак, напредокот е бавен. Во изминатите 30 години, само 26 згради во Романија се реновирани со јавни средства, од кои 19 се наоѓаат во Букурешт, покажуваат бројките на Министерството за развој, јавни работи и администрација, цитирани од локалните медиуми.

Според Националниот план за закрепнување и отпорност на Романија треба да се инвестираат 220 милиони евра за подобрување на сеизмичката отпорност и енергетската ефикасност за повеќесемејни станови и јавни згради во ризични категории 1 и 2, информира Министерството за развој, јавни работи и администрација во соопштение за медиумите. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан