Бугарскиот парламент усвои декларација за неучество на бугарските вооружени сили во воени операции на територијата на Украина
- Бугарските пратеници усвоија декларација со која се изразува ставот на 51-то Народно собрание за неучество на бугарските вооружени сили во воени операции на територијата на Украина. „За“ документот предложен од владејачката партија гласаа 166 пратеници, 27 беа „против“, а 11 воздржани.

Бугарските пратеници усвоија декларација со која се изразува ставот на 51-то Народно собрание за неучество на бугарските вооружени сили во воени операции на територијата на Украина. „За“ документот предложен од владејачката партија гласаа 166 пратеници, 27 беа „против“, а 11 воздржани.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Декларацијата беше поддржана од ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), „ДПС – Нов почеток“, „БСП – Обединета левица“, „Демократија, права и слободи“ – ДПС и „Има таков народ“. „Против“ гласаа од „Преродба“, додека „Морал, единство, чест“ (МЕЧ) и еден пратеник од ПП-ДБ беа воздржани.
Во Декларацијата се повикува на постигнување траен и праведен мир во Украина и преговарачки процес кој ги вклучува сите земји директно засегнати и заинтересирани за воспоставување и одржување на безбедноста и стабилноста во Европа, вклучително и Бугарија.
Парламентот, исто така, го повикува Советот на министри да ја продолжи политиката на Република Бугарија за мирно решавање на меѓународните конфликти преку дипломатски средства и да промовира иницијативи насочени кон деескалација на конфликтите и изнаоѓање одржливи мирни решенија.
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.