• понеделник, 04 март 2024

Бугарија дозволи прелет на авионот со кој Лавров доаѓа во Скопје

Бугарија дозволи прелет на авионот со кој Лавров доаѓа во Скопје

Скопје, 28 октомври 2023 (МИА) - Бугарија дозволи прелет на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на пат кон Северна Македонија, каде што ќе учествува на самитот на ОБСЕ, соопштија синоќа бугарското МНР и руската амбасада во Софија.

- Врз основа на добиено барање од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во својство на претседавач на ОБСЕ за 2023 година и организатор на 30-тиот состанок на  Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје на 29 ноември - 1 декември 2023 година, за обезбедување дозвола за прелетување на делегациите за учество на претстојниот Совет на министри на ОБСЕ, МНР на Република Бугарија даде дозвола за реализирање на лет на Специјалната водухопловна единица „Русија“ преку воздушниот простор на Република Бугарија за спроведување на лет за транспорт на делегација за учество на меѓународниот форум“, соопшти бугарското МНР.

И амбасадорката на Руската Федерација во Софија, Елеонора Митрофанова потврди декае добиен позитивен одговор на барањето за летот на авионот на Лавров низ бугарскиот воздушен простор.

- Бугарското Министерство за надворешни работи официјално нé информираше дека на нашиот министер му е дозволено да лета низ воздушниот простор над земјата, изјави амбасадорката Митрофанова.

Шефот на руската дипломатија Лавров, претходно вчера најави дека ќе учествува на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Северна Македонија доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор за руската делегација.

-Бугарија ѝ вети на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор - ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме, рече Лавров.

Во меѓувреме, портапаролот на Европската комисија Петер Стано изјави дека патувањето на Лавров во Скопје не би претставувало кршење на европските санкции против Русија.

- Рускиот министер за надворешни работи Лавров може да отпатува во земја на ЕУ или во Северна Македонија, и покрај тоа што е на европската листа на санкции наметнати на Русија поради војната во Украина. Земјите од ЕУ можат да дозволат прелетување на авионот на Лавров, како и властите во Скопје да издадат дозвола за слетување и учество на состанокот, тоа нема да биде прекршување на санкциите. Ова ќе ни даде можност да застанеме очи во очи со Лавров и да разговараме за лагите што тој ги шири, кажал Стано на брифинг во Брисел.

Според него, на ваквите средби ЕУ може да ја претстави својата визија, а санкционираните да одлучат да го променат своето деструктивно однесување. са/ац/

Фото: ЕПА

Остани поврзан