• петок, 05 декември 2025

Бројот на загинати во насилните протести во Кенија се искачи на 16

Бројот на загинати во насилните протести во Кенија се искачи на 16

Најроби, 26 јуни 2025 (МИА) – Бројот на Кенијци кои загинаа за време на протестите против полициската бруталност и лошото владеење се искачи на 16, според податоците на државната комисија за човекови права.

Илјадници млади Кенијци излегоа на протести во 23 од 47 окрузи во земјата, повикувајќи на прекин на полициската бруталност и подобро владеење. Најмалку две полициски станици беа урнати.

Илјадници луѓе скандираа антивладини слогани и го повикаа претседателот Вилијам Руто да поднесе оставка.

Она што го предизвика гневот на народот беше смртта на еден блогер во притвор неодамна, како и пукањето врз цивили за време на протестите поради смртта на блогерот.

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера илјадниците демонстранти кои вчера се собраа низ целата земја по повод годишнината од антивладините протести од јуни 2024 година.

Тогаш, за време на насилните судири и упадот во парламентот, загинаа најмалку 60 луѓе.

Министерот за внатрешни работи на земјата, Кипчумба Муркомен, денеска ја процени штетата на продавниците во главниот град Најроби, каде што беше украдена стока од повеќе продавници. Тој рече дека полицијата ќе ги уапси осомничените бидејќи биле снимени од безбедносните камери во продавниците.

Парламентот и претседателството вчера беа оградени со бодликава жица, а патиштата што водеа до овие две институции беа блокирани. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан