• среда, 27 ноември 2024

Брнабиќ: Не сакам ниту да размислам за можноста на граѓанска војна во Црна Гора

Брнабиќ: Не сакам ниту да размислам за можноста на граѓанска војна во Црна Гора
Белград, 2 февруари 2020 (МИА) - Изгледите дека Црна Гора е на работ на граѓанска војна се толку страшни што не сакам ниту да размислам на тој начин, изјави денеска српската премиерка Ана Брнабиќ, истакнувајќи дека регионалната стабилност е најважната работа за Србија. Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ одговарајќи на прашањето на ТВ Прва дали Црна Гора е на работ на граѓанска војна поради настаните по усвојувањето на Законот за верските слободи кажа: „Оваа перспектива е страшна, дури не сакам ниту да размислувам на тој начин. Она што е најважно за нас е регионалната стабилност, без која нема ниту стабилна Србија“. Таа ги пофали Србите во Црна Гора за вчерашната реакција, кога повикаа на смирување на ситуацијата и рече дека тие нема да одговорат со агресија. - Треба сè да се направи само за да се смири ситуацијата и тензиите. Дијалогот е единствениот начин за договор, кажа Брнабиќ. Говорејќи за формирањето на нова влада на Косово, Брнабиќ изјави дека српската влада и дава целосна поддршка на Српска листа. Во врска со синоќа прогласениот бојкот од страна на опозицијата, Брнабиќ оцени дека одлуката за бојкот на изборите е „многу неодговорна“, додавајќи дека е задоволна што Движењето „1 од 5 милиони“ реши да излезе на изборите, како што тоа го направија и Либерално-демократската партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ и уште неколку опозициски партии. Коментирајќи ја одлуката за бојкот заради доведување во прашање на легитимноста на идниот српски Парламент, Брнабиќ кажа дека на Србија и претстои едно од најважните прашања, а тоа е дебатата за уставните амандмани од областа на правосудството. - За промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство, кажа српската премиерка, истакнувајќи дека одговорните политичари би се бореле „и со рацете и со нозете“ за да влезат во Парламентот за да влијаат директно на изгледот на правосудството. паг/

Остани поврзан