• петок, 22 ноември 2024

Брнабиќ: На изборите во Белград СНС во коалиција со Дачиќ и со Вучиќ како носител на листата

Брнабиќ: На изборите во Белград СНС во коалиција со Дачиќ и со Вучиќ како носител на листата

Белград, 6 април 2024 (МИА) - Претседателката на српското Собрание и потпретседател на ГО на СНС Ана Брнабиќ денеска изјави дека Српската напредна партија на изборите во Белград на 2 јуни ќе има досега најширока можна коалиција меѓу кои е и СПС на Ивица Дачиќ и посочи дека носител на листата ќе биде Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

- Носител на листата ќе биде Александар Вучиќ и тоа ни е голема чест и уште еднаш со името на  Александар Вучиќ на листата одиме на овие избори, не се срамиме од тоа, горди сме со тоа, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека на листата ќе се најдат СНС и нејзините коалициски партнери - Социјалистичка партија на Србија (СПС), Единствена Србија (ЈС), ПУПС, Српската радикална партија на Шешељ, Движењето на социјалистите на Вулин, СДП - Расим Љајиќ, СМП - Ненад Поповиќ, Здружението на граѓани Семеен аларм, Зелената партија на Иван Кариќ, Андрија Младеновиќ со неговата независна партија и други.

Еден од важните приговори на меѓународните набљудувачи на ОДИХР и на Европскиот парламент на последните избори во Белград во декември лани беше дека носител на листата на СНС беше Александар Вучиќ, кој не учествуваше на изборите бидејќи е претседател на Републиката. об/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан