• среда, 17 декември 2025

Брнабиќ и Столтенберг: Србија и НАТО да продолжат со спроведување заеднички проекти

Брнабиќ и Столтенберг: Србија и НАТО да продолжат со спроведување заеднички проекти

Белград, 21 ноември 2023 (МИА) - Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска во Белград разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за соработката со Алијансата, за  безбедност на Србите на Косово и за продолжување на реализацијата на заедничките проекти, јави Бета.

Столтенберг изјавил дека ја почитува Србија и дека НАТО може да соработува со нејзините претставници почитувајќи ја неутралноста, соопшти српската влада.

Генералниот секретар на НАТО ја подвлече важноста на партнерската соработка со Србија, која се одвива од 2006 година преку програмата Партнерство за мир.

Брнабиќ изјави дека ја цени позицијата на НАТО кога станува збор за воената неутралност на Србија и дека заеднички интерес е да се продолжи со позитивна агенда и дополнително да се подобри партнерската соработка.

Кога станува збор за соработка во области кои излегуваат надвор од опсегот на чисто воената сфера, премиерката на Србија изрази посебно задоволство од активностите што се спроведуваат во програмите за партнерска соработка со НАТО, како што се проектите за научна и технолошка соработка преку програмата на НАТО „Наука за Мир и безбедност“.

На средбата присуствуваа министрите за надворешни работи и одбрана на Србија, Ивица Дачиќ и Милош Вучевиќ и началникот на ГШ Милан Мојсиловиќ. зш/

Остани поврзан