• среда, 24 април 2024

Бразил: Илјадници приврзаници на Болсонаро маршираа против истрагата за државен удар

Бразил: Илјадници приврзаници на Болсонаро маршираа против истрагата за државен удар

Буенос Ајрес, 26 февруари 2024 (МИА) – Десетици илјади приврзаници на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро вчера излегоа на улиците на Сао Паоло, за да протестираат против кривичната истрага против поранешниот десничарски шеф на државата.

Како што пренесе ДПА, приврзаниците на Болсонаро марширале по булеварот Авенида Паулиста во знак на протест против истрагите за наводната вмешаност на Болсонаро во обидот за државен удар по неговиот изборен пораз во 2022 година.

Болсонаро беше поразен од левичарскиот политичар Луис Инасио Лула да Силва во вториот круг од изборите за претседател во октомври 2022 година и се тврди дека бил вклучен во планови за соборување на владата по изборната победа на Лула.

Болсонаро одби да даде изјава за време на неговото последно сослушување во федералната полиција.

- Барам смирување за да го избришам минатото, им рече поранешниот воен офицер Болсонаро на своите поддржувачи на митингот во неделата. „Мораме да најдеме начин да живееме во мир“, додаде тој.

Тој повика на амнестија за неговите приврзаници, од кои некои беа осудени на долги затворски казни за напад врз владиниот кварт по изборите.

На 8 јануари 2023 година, поддржувачите на Болсонаро кои одбија да ја признаат победата на Лула упаднаа во Конгресот, седиштето на владата и Врховниот суд во Бразилија, предизвикувајќи значителна штета. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан