Бразилецот Едерсон на радарот на премиерлигашките гиганти
- Бразилскиот играч за врска Едерсон (25), кој има забележителни настапи за италијанскиот прволигаш Аталанта, ова лето ќе биде еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот, пренесуваат денеска британските медиуми, наведувајќи дека покрај Манчестер Сити, голем интерес за него покажуваат Ливерпул и Манчестер Јунајтед.

Лондон, 10 март 2025 (МИА) – Бразилскиот играч за врска Едерсон (25), кој има забележителни настапи за италијанскиот прволигаш Аталанта, ова лето ќе биде еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот, пренесуваат денеска британските медиуми, наведувајќи дека покрај Манчестер Сити, голем интерес за него покажуваат Ливерпул и Манчестер Јунајтед.
Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола веќе најави дека за следната сезона не смета на услугите на играчите од средниот ред Кевин де Брујне (33), Илкај Гундоган (34) и Матео Ковачиќ (30), а Бразилецот Едерсон би требало да биде една од поважните фигури во новиот среден ред на Сити.
Градскиот ривал на Сити, Манчестер Јунајтед, исто така би сакал да го види Едерсон во своите редови. Тренерот на „црвените ѓаволи“, Рубен Аморим има намера да изгради среден ред околу него, а Касемиро и Кристијан Ериксен би биле на излезна врата од „Олд Трафорд“. Проблемот е што Едерсон сака да биде во клуб кој следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.
Исто така, бразилскиот играч за врска нема намера да се приклучи на тим каде што би морал да се бори напорно за своето место во стартниот состав. По таа логика, Ливерпул има најмалку шанси да го добие потписот на Едерсон бидејќи има силна конкуренција во средниот ред (Рајан Гравенберч, Кертис Џонс, Алексис Мекалистер, Доминик Собослаи, Ватару Ендо).
Едерсон дојде во Аталанта во јули 2022 година од Салернитана, а трансферот беше вреден 23 милиони евра. Неговиот договор е до јуни 2027 година и британските медиуми проценуваат дека италијанскиот прволигаш нема да се согласи на трансфер под 60 милиони евра. ег