• недела, 22 декември 2024

Борците и следбениците на НОВ и ПОЈ се сеќаваат на славните денови на антифашистичко движење, одбележан 9 Мај - Денот на победата

Борците и следбениците на НОВ и ПОЈ се сеќаваат на славните денови на антифашистичко движење, одбележан 9 Мај - Денот на победата

Охрид, 9 мај 2024 (МИА) – Делегација на Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941 – 1945) и  гараѓани продолжувачи во општините Охрид и Дебрца денеска положија цвеќе во Паркот на револуцијата во Охрид, како знак на сеќавање на 9 Мај - Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

На 9 мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население, војна која однесе повеќе од 50 милиони животи, велат од ОО на СБ од Охрид и Дебрца.

-Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, само од вардарскиот дел на Македонија загинале 33 илјади луѓе, вклучувајќи ги и преку седумте илјади македонски Евреи, кои беа  депортирани во концентрациониот логор ‘Треблинка’, Полска. Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи против фашизмот , заедно со светската антифашистичка коалиција, за борба против ропството, борба за остварување на вековниот сон за национална слобода и своја држава, посочуваат.

Тие потсетуваат дека од Народноослободителната војна израсна грандиозното АСНОМ-ско дело, слободната македонска држава.

-На Првото заседание на АСНОМ,се случи и вториот слободарски и победоносен Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода. Достојно на антифашизмот и слободољубивоста на македонскиот народ, државното раководство на Федерална Македонија ја донесе најисправната одлука: учество на македонската војска во завршните операции за ослободување на Југославија и за конечно изгонување на фашизмот. Тоа истовремено беше и наш достоен влог во конечната победа на светската антифашистичка коалиција над најголемото зло – фашизмот. Оттаму, антифашизмот останува трајна наша обврска и долг за чување и натамошно унапредување на историските придобивки и вредности на Народноослободителната и антифашистичка војна, пиетет кон сите наши жртви во вековната борба за слобода на македонскиот народ, кон сите оние кои во Втората светска војна се бореа против фашизмот, велат од ОО на СБ од Охрид и Дебрца

Според нив, тоа е наше трајно определување и долг. -Затоа што времето покажа дека засекогаш не се уништени фашизоидните бактерии и нивната можност за мутација во неонацизам. Затоа денеска, повеќе од било кога со оглед на израснувањето на млади генерации без нужни историски предзнаења, нашето навраќање кон антифашизмот е повеќе од нужно. Организацијата на Сојузот на борците на Македонија, подзасилена од младите почитувачи и продолжувачи на слободарските традиции, беше и останува основен браник на нашиот антифашизам, велат борците и посочуваат дека на новите генерации им останува обврската да бидат побројни, посмели во одбраната – за да им бидат рамни и да ги надминат претходниците. аб/лв/

фото/МИА

 

Остани поврзан