• понеделник, 23 декември 2024

Борел: Следната недела ќе ја исплатиме првата транша помош за Украина од замрзнатите руски средства 

Борел: Следната недела ќе ја исплатиме првата транша помош за Украина од замрзнатите руски средства 

Брисел, 24 јуни 2024 (МИА) – На масата на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ, кое ќе биде долго, интензивно и тешко, како и секогаш прво ќе биде Украина, потоа состојбата во Газа и на Блискиот Исток, како и случувањата во Грузија, најави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на состанокот што се одржува во Луксембург. 

Според Борел, на мировната конференција за Украина во Швајцарија, рускиот претседател Владимир Путин одговори на тој начин што отпатува во Северна Кореја и на други места каде може да набави оружје, што укажува дека се подготвува за долга војна. 

- Од наша страна мораме да продолжиме да работиме на поставениот дипломатски пат на самитот во Швајцарија, но мораме да ја зголемиме и нашата поддршка за Украина, истакна Борел, додавајќи дека за таа цел треба да се употребат каматите од замрзнатите руски средства, од кои првата транша од 2,5 милијарди ќе биде исплатена следната недела, а втората „некој месец подоцна“. 

Тој истакна дека треба да се почитува законска процедура за користење на овие средства за да не дојде до блокада на тој процес, потсетувајќи дека постојат шест легални одлуки на ЕУ што не може да бидат имплементирани поради противењето на една земја членка и не смее да се дозволи тоа да се случи и за користењето на замрзнатите руски средства. 

- На Украина и потребна поголема помош и таа помош и треба сега, пред летото. Се надевам дека министрите ќе го поддржат предлогот да ја зголемиме таа поддршка со употреба на замрзнатите руски средства, потенцира Борел, додавајќи дека тие средства нема да завршат во неговиот џеб, туку ќе бидат искористени за воена поддршка на Украина.  

Во однос на Блискиот Исток, Борел нагласи дека како резултат на ескалацијата на состојбите во Газа станува невозможно да се обезбеди испорака на хуманитарна помош за цивилите во Појасот. 

- Помошта е заглавена на границата. Некои од производите ќе мора да се уништат, бидејќи повеќе не се за употреба. И не е во прашање само финансиската штета, туку и тоа што помошта не е можно да се дистрибуира поради недостиг на организација, додаде Борел. 

Тој истакна дека ЕУ и натаму го поддржува планот на американскиот претседател Џо Бајден за прекин на конфликтот во Газа, но како што нагласи, неговата имплементација е невозможна поради недостиг на волја за тоа од двете страни, и од страна на Израел и на Хамас. 

- Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите идеи, бидејќи ни е потребен прекин на огнот, што ќе овозможи влез на хуманитарната помош во Газа, изјави Борел. 

Според него, опасноста од проширување на конфликтот од Газа во Либан и во други делови на регионот секој ден станува се поголема, па затоа треба да се поддржат меѓународните напори за прекин на огнот. 

Тој најави и дека на министрите ќе им достави анализа за односите на ЕУ „со Израел и Палестина“, за да ја разгледаат и да видат што може да сторат за зголемување на притисокот врз двете страни. 

Борел додаде дека на состанокот ќе стане збор и за ситуација во Грузија, порачувајќи дека ако грузиските власти сакаат да остане отворена вратата за членство на земјата во ЕУ, ќе мора да отстапат од патот по кој се движат сега или во спротивно таа врата ќе се затвори, од што последици ќе сносат грузиските граѓани. 

Инаку, на ГАК ќе се расправа и за односите на ЕУ со Западниот Балкан, во кој дел на заседанието ќе присуствуваат и шефовите на дипломатиите на земјите од регионот, меѓу кои и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. сп/

Фото: Скриншот

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан