• понеделник, 23 декември 2024

Борел за МИА: Одговорност на сите политички лидери е да работат на зачленување на земјата во ЕУ

Борел за МИА: Одговорност на сите политички лидери е да работат на зачленување на земјата во ЕУ

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Северна Македонија е добар пример за мултиетничко општество и со промена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права во земјата и не се сомневам дека со тоа ќе го зачувате македонскиот идентитет и истовремено ќе напредувате во процесот на пристапување во ЕУ, како што правевте досега, вели високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во интервју за МИА.

- Членството во ЕУ не може да биде проект на една политичка партија, туку тоа треба да биде аспирација за целата земја. Во Северна Македонија, граѓаните ја изразија својата аспирација за влез во ЕУ, бидејќи сакаат да припаѓаат на заедница на вредности и да имаат корист од отворените граници, олеснето патување, внатрешниот пазар и стандардите на ЕУ во целина. Накусо, граѓаните сакаат мир, просперитет и подобар живот во ЕУ, за нив и за нивните деца. Затоа одговорност на сите ваши политички лидери е да работат и да ја реализираат оваа цел, вели Борел.

Тој нагласува дека преговорите за членство во ЕУ се процес заснован на заслуги и дека при тоа се оценува постигнатиот напредок во исполнувањето на сите поставени критериуми и спроведувањето на стандардите на ЕУ и реформите.

- И овие реформи ќе и помогнат на Северна Македонија да ја унапреди и подобри состојбата и да ја доближи земјата до Европската Унија и стандардите на ЕУ, пред се во интерес на граѓаните на Северна Македонија. Ние ќе бидеме покрај вас и ќе го придружуваме процесот до самиот крај, додека Северна Македонија не стане полноправна земја-членка на ЕУ. Тоа е она што го сакаме и целта кон која работиме сите заедно, додава високиот претставник на ЕУ.

Борел во интервјуто признава дела земјава предолго чекаше за старт на преговорите од различни причини, но нагласува дека во исто време Северна Македонија нема подобар и попосветен партнер од ЕУ, која е најголемиот донатор, инвеститор и трговски партнер.

- Каде и да погледнете во Северна Македонија, таму веќе ќе ја најдете ЕУ, таа поддржува, помага, придонесува, финансира, советува. Членството во ЕУ значи стабилност, безбедност и просперитет. Инвестициите на ЕУ се одржливи и долгорочни, создавајќи нови работни места и можности. Нема сомнеж дека ЕУ останува партнер од најголема доверба на Северна Македонија, вели Борел.

Фото: Европска унија

Тој во интервјуто за МИА говори и за поддршката од ЕУ за зајакнување на безбедност и демократските процеси, справувањето со хибридните напади, за поддршката на Армијата, за војната во Украина, како и за претстојните разговори меѓу Белград и Приштина во Охрид.

Во продолжение следи интегралното интервју на вели високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Борел за МИА.

Господине Борел, Ви благодарам што прифативте интервју за МИА. Доаѓате во посета на Северна Македонија во време кога земјата е во фаза на скрининг процесот, но за продолжување на преговорите за членство потребни се уставни измени за вметнување на бугарската заедница во Уставот. Засега, се чини, во Собранието нема доволно мнозинство за такви измени, поради противењето на дел од опозициските партии. Какви пораки ќе им пренесете на македонските политички лидери во однос на европскиот пат?

Членството во ЕУ не може да биде проект на една политичка партија, туку тоа треба да биде аспирација за целата земја. Во Северна Македонија, граѓаните ја изразија својата аспирација за влез во ЕУ, бидејќи сакаат да припаѓаат на заедница на вредности и да имаат корист од отворените граници, олеснето патување, внатрешниот пазар и стандардите на ЕУ во целина. Накусо, граѓаните сакаат мир, просперитет и подобар живот во ЕУ, за нив и за нивните деца. Затоа одговорност на сите ваши политички лидери е да работат и да ја реализираат оваа цел.

Северна Македонија се обврза да го промени Уставот, со цел во Уставот да ги вклучи граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите.

Вашата земја дава добар пример за мултиетничко општество. Затоа, со промена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права.

Не се сомневам дека ќе го зачувате македонскиот идентитет и истовремено ќе напредувате во процесот на пристапување во ЕУ, како што правевте досега.

Фото: Европска унија

Властите во Северна Македонија како година за полноправно членство ја посочуваат 2030. Колку е оваа цел реална?

Политичките лидери можат да постигнат многу амбициозни цели, доколку решат да ја вложат енергијата во неопходните реформи. Има уште многу работа и нема кратки патишта. Пристапниот процес е многу технички и многу напорен. Владата и Собранието треба да реализираат најголем дел од работата. Затоа е важно да се зајакнат административните капацитети и да се подобрат методите на работа на Собранието.

Но, дозволете ми да повторам, пристапните преговори се процес заснован на заслуги, тоа значи дека она што се оценува е постигнатиот напредок во исполнувањето на сите поставени критериуми и спроведувањето на стандардите на ЕУ и реформите поврзани со тоа. И овие реформи ќе и помогнат на Северна Македонија да ја унапреди и подобри состојбата и да ја доближи земјата до Европската Унија и стандардите на ЕУ, пред се во интерес на граѓаните на Северна Македонија.

Ние ќе бидеме покрај вас и ќе го придружуваме процесот до самиот крај, додека Северна Македонија не стане полноправна земја членка на ЕУ. Тоа е она што го сакаме и целта кон која работиме сите заедно.

Северна Македонија 18 години чекаше на „зелено светло“ за почеток на преговорите. Тој старт беше одлаган поради разни блокади, прво од Грција, потоа Франција, па Бугарија... Сето тоа го намали евроентузијазмот кој граѓаните, но остави и простор за влијанија од трети страни. Минатата недела ЕУ и додели грант на Северна Македонија од 80 милиони евра за поддршка за справување со енергетската кризата, но што може дополнително да направи за да го подобри својот имиџ и да ја зголеми поддршката за членство на земјата меѓу граѓаните?

Признавам дека Северна Македонија предолго чекаше од различни причини, но не можеме времето да го вратиме назад. Во исто време, нема подобар и попосветен партнер за Вас од ЕУ. Ние сме најголемиот донатор, најголемиот инвеститор, најголемиот трговски партнер. Каде и да погледнете во Северна Македонија, таму веќе ќе ја најдете ЕУ, таа поддржува, помага, придонесува, финансира, советува. Членството во ЕУ значи стабилност, безбедност и просперитет.

Фото: Европска унија

Ние се грижиме за луѓето и инвестираме во нив, преку програми за мобилност на младите луѓе, како што се Еразмус, безвизно патување, поддршка на граѓанското општество, поддршка на културата и културното наследство, па се до директна финансиска поддршка со цел граѓаните да ги платат сметките за струја во актуелната криза.

Почнувајќи од 2007 година, со грантови од 1,4 милијарди евра и 852 милиони евра кредити за земјата под повластени услов, ЕУ е убедливо најголемиот давател на финансиска помош за Северна Македонија.

Инвестициите на ЕУ се одржливи и долгорочни, создавајќи нови работни места и можности. Ние инвестираме во Вашата инфраструктура и Ви помагаме да ја изградите. Ве вклучуваме во сите наши политики за ублажување на негативните последици од војната во Украина, подеднакво со сите други земји членки на ЕУ. Заедно планираме транзиција кон зелени технологии и обновливи извори на енергија, како и енергетска независност. И можам да продолжам...

Нема сомнеж дека ЕУ останува партнер од најголема доверба на Северна Македонија.

Руската агресија врз Украина ја нагласува геополитичката важност на проширувањето на ЕУ. Таа не зближи уште повеќе. Во една силна Унија што се простира на нашиот континент, можеме да ги браниме нашите вредности и да ги заштитиме нашите граѓани. Сакам да разјаснам, не го земаме здраво за готово фактот дека сте со нас во овие предизвикувачки времиња.

Последниве месеци Северна Македонија е цел на хибридна војна, преку лажни дојави за поставени бомби во повеќе објекти, пред се училишта и хакерски напади врз државни институции. Како ЕУ се справува со хибридната војна на своја територија и колку може да и помогне на Северна Македонија во откривањето на изворите на хибридните закани?

Фото: Европска унија

Јас навистина ја поздравувам Северна Македонија за нејзиното целосно и доследно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивни мерки. Тоа е силен израз на стратешкиот избор на Северна Македонија за место во една заедница на вредности.

ЕУ е посветена да работи со нашите партнери од Западниот Балкан во борбата против хибридните закани кои продолжуваат да ги поткопуваат нашата колективна безбедност и демократските процеси и ја поддржува нивната безбедност, како и нивната одбрана.

Задоволство ми е што можам да објавам дека одвојуваме 9 милиони евра од Европскиот мировен фонд за поддршка на Армијата на Северна Македонија, за подобрување и надградба на опремата на нејзината Лесна пешадиска баталјонска група.

ЕУ ја поддржува Северна Македонија и за да ја зголеми својата отпорноста на кибер нападите. Како дел од пакетот вреден 4,9 милиони евра за регионот за итна поддршка за кибер и информациската безбедност, ЕУ и помага на Северна Македонија да ја подобри својата способност за справување со кибер инциденти и да го зајакне управувањето со кибер безбедноста.

Северна Македонија, исто така, ќе има корист и од регионалниот проект од 5 милиони евра за градење на капацитетите за кибер безбедност, што ќе почне да се испорачува оваа година. Во пракса, ЕУ заедно со специјализираните агенции на нејзините земји-членки и помага на Северна Македонија во откривање, истражување и одговор на кибер напади, како и во справувањето со проблемите предизвикани кибер нападите. Продолжуваме внимателно да ја следиме состојбата и подготвени сме да преземеме понатамошни чекори, доколку е потребно, за поддршка на Северна Македонија.

5. Хибридната војна се актуелизира со руската агресија врз Украина. Какви се можните решенија за украинската криза и дали постои опасност да добиеме уште еден „замрзнат конфликт“ во Европа?

Фото: Европска унија

Украина е жртва на неиспровоцирана, незаконска агресија. Украина беше нападната од едноставна причина затоа што сакаше сама да одлучува за својата иднина. Најавената цел на Путин е уништување на Украина и на украинската нација. Ова е во директна спротивност со сето она во што веруваме ние - современите демократски нации од 21. век, а тоа се суверенитетот и независноста на земјите, Повелбата на ОН и меѓународното право. Поради тоа мнозинството земји во светот ја осудија оваа агресија и побараа од Русија да ја запре. Сите ги гледаме опасностите доколку се толерира и доколку преовладее таквото однесување. Ова е причината зошто Европската унија и голем број нејзини партнери истомисленици ја поддржуваат Украина во нејзината легитимна одбрана. Затоа што Украина се бори и за почитување и поддршка на меѓународните правила.

Украина мора да победи во оваа војна – за доброто на глобалниот систем заснован на правила и за стабилноста на Европа и пошироко. Не сакаме да замислиме уште еден замрзнат конфликт. И ние не можеме да си го дозволиме тоа, затоа што ако Русија се извлече со своите незаконски акции, никој не може да се чувствува безбеден.

6. Кога сме кај „замрзнатите конфликт“, една од причините за вашиот престој во земјава е средбата во Охрид во сабота на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, чиј домаќин ќе биде премиерот Димитар Ковачевски. Каква порака се праќа со тоа што Северна Македонија и Охрид се избрани за место за оваа средба и што можеме да очекуваме од разговорите Белград – Приштина?

Прашањето меѓу Србија и Косово не е замрзнат конфликт. Овде зборуваме за нормализација на односите меѓу двајца партнери, кои споделуваат проблематично минато и се уште не беа во можност целосно да го надминат негативното наследство од минатото. Но, и двете се „закотвени“ во процесот на пристапување во ЕУ и верувам дека се подготвени да најдат решение на преговарачката маса. На крајот, тие сакаат да се приклучат кон Европската Унија, а добрососедските односи се еден од основните принципи на нашата Унија. Затоа им помагаме на Белград и Приштина со дијалогот поддржан од ЕУ да постигнат сеопфатен договор за нормализација на нивните односи.

Фото: Европска унија

Фактот што претстојната средба на дијалогот на високо ниво меѓу премиерот Курти и претседателот Вучиќ се одржува во Охрид, е резултат на различни фактори кои се поклопија во овој конкретен период. Пред две недели имавме добра и продуктивна средба со двете страни за поддршка на Договорот за начинот на нормализација на нивните односи. Сакавме да ја искористиме добрата динамика и откако најдовме консензус за предлогот на ЕУ, се договоривме наскоро да се сретнеме за да почнеме да разговараме за Патоказот за имплементација на овој Договор.

Во исто време е и месечната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ, закажана за понеделник 20 март и средбата на лидерите на ЕУ закажана за четврток и петок - 23 и 24 март. Дополнително, го имавме закажано состанок на Советот за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија, за петок 17 март, и македонската Влада великодушно понуди можност да биде домаќин и на дијалогот. Со оглед на сето ова и фактот дека дијалогот е една од клучните компоненти на нашиот ангажман на Западниот Балкан, решив средбата да ја свикам за оваа сабота во Охрид.

7. Што доколку властите во Белград и Приштина не покажат подготвеност за договор? Дали Балканот повторно може да стане поприште на нови конфликти, косовското прашање не е единственото отворено прашање во регионот - ја имаме Босна и Херцеговина со својата проблематична функционалност како држава, внатрешните превирања во Црна Гора, па и политичките случувања во Албанија, а на сцена се и надворешните влијанија и интереси, пред се руски? Дали ЕУ размислува за некакво сеопфатно решение за Западниот Балкан?

Ние не шпекулираме за сценарија „што ако“. Мојата улога е да го олеснам дијалогот и јас сум целосно вложен во него со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ Лајчак, кој се занимава со интензивна шатл-дипломатија меѓу Приштина, Белград и европските главни градови. Сакаме да дадеме се од себе за да им помогнеме на Косово и Србија да најдат начин за помирување и нормализирање на нивните односи. Затоа што без тоа нема да можат да напредуваат на својот пат кон ЕУ. Во нивни интерес и во корист на нивниот народ е да ја пронајдат потребната политичка храброст за да успее дијалогот. Ќе продолжиме да им помагаме колку што можеме, но на крајот на нив е да ги донесат одлуките. Се разбира дека успешен исход од овој дијалог ќе има и многу позитивно влијание за целиот регион.

 Сашко Панајотов

Фото: Европска Унија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан